Џин наместо сода: Како грофот Негрони создаде барска историја

Антони Бордејн велел дека Негрони е единствениот коктел кој никогаш не те лаже. Горчи. Удира. Не се извинува. И токму затоа, според Бродејн – е совршен.

Грофот кој не седел мирно

Камило Негрони не бил човек за кој би рекол дека ќе влезе во историјата преку бар мени. Каубој во Вајоминг, картаџија на реките на Мисисипи, редовен гостин на њујоршките барови, животот го поминал во движење, а вкусот го развивал успатно. Кога најпосле се вратил во Фиренца, со себе носел две работи: љубов кон коктелите и вкус за џин стекнат во Лондон.

Она вечерно барање

Во Caffè Casoni, пред барменот Фоско Скарсели, грофот нарачал своето редовно Американо, па потоа застанал. „Газираната вода замени ја со џин.” Скарсели не прашал зошто. Додал портокал наместо лимон, за да се знае дека ова е нешто друго. И навистина било нешто друго. Без церемонија, без рецепт запишан на хартија, без намера да се создаде класика, се родил Негрони.

Три состојки, без компромис

По 30 мл џин, сладок вермут и Кампари. Се мешаат со мраз, се цедат во чаша, кора од портокал одозгора. Тоа е сè. Негрони не трпи украси, не трпи замени и не трпи извинувања. Бордејн го пиел директен, без многу размислување и тоа, повеќе од сè друго, кажува за каков коктел станува збор.

Над еден век, ист рецепт

Повеќе од сто години подоцна, Негрони е на менито на секој бар кој сака да биде сфатен сериозно. Не затоа што е модерен. Туку затоа што е точен, уште од 1919 година, уште од она барање пред Скарсели, уште од првата чаша со портокал на работ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни