Која е точната возраст кога квалитетот на сперматозоидите почнува да опаѓа?

Истражување покажува дека квалитетот на сперматозоидите почнува да опаѓа околу 43-та година од животот, а акумулацијата на генетски мутации го зголемува ризикот од наследни и невролошки нарушувања кај потомството.

Истражувањата покажуваат дека со возраста не опаѓа само бројот и подвижноста на сперматозоидите, туку и нивната генетска стабилност.

Додека некои работи со годините стануваат подобри, како виното или емоционалната зрелост, истото не важи за сперматозоидите. Ново британско истражување покажува дека квалитетот на спермата се намалува со текот на времето, и тоа не само поради бројот и подвижноста, туку и поради акумулација на генетски мутации кои можат да влијаат на здравјето на потомството, особено во развојот на невролошки нарушувања.

Студијата објавена во научното списание Nature, спроведена во Обединетото Кралство на 81 здрав маж на возраст од 24 до 75 години, користела напредна техника NanoSeq. Научниците откриле дека мутациите во сперматозоидите се акумулираат со возраста, а што мажот е постар, поголема е веројатноста спермата да содржи ДНК оштетувања.

Биле идентификувани повеќе од 40 гени одговорни за мутации во матичните клетки на сперматозоидите, феномен наречен „самолични сперматозоиди“ (selfish sperm). Овие сперматозоиди често имаат предност и се размножуваат побрзо од здравите клетки, што го зголемува ризикот од пренос на наследни болести.

Според резултатите, во раните триесетти години околу 2% од сперматозоидите носат мутации кои можат да предизвикаат болести, додека во средните години (43–58) и подоцна (59–74) овој процент се зголемува на 3–5%. Кај мажи над 70 години, дури 4,5% од сперматозоидите содржат штетни мутации.

Научниците проценуваат дека мутациите се акумулираат со просечна стапка од 1,67% годишно, а квалитетот на спермата значително почнува да опаѓа околу 43-та година од животот.

Природата на мутациите

Особено загрижува фактот што телото понекогаш „поволно ги третира“ овие мутации, па сперматозоидите со оштетени гени имаат предност пред здравите. Ова го зголемува ризикот од пренос на наследни нарушувања два до три пати.

Се работи за мутации поврзани со развојни и невролошки нарушувања, вклучувајќи синдроми како Apert, Noonan и Costello, како и нарушувања од аутистичниот спектар.

Важноста на свесноста за ризиците

Со оглед на тоа дека станува се почесто очинство во подоцнежни години, истражувачите предупредуваат на важноста од свесност за ризиците. Веројатноста мажите да станат татковци по 40-та речиси се удвоела – од 4,1% во 1972 година на 8,9% во 2015 година. Анализи од 2024 година покажуваат дека татковците постари од 40 години имаат 51% поголем ризик да добијат дете со дијагноза аутизам во споредба со оние помлади од 30 години.

Иако резултатите се загрижувачки, научниците нагласуваат дека се потребни дополнителни истражувања. Не секоја мутација нужно води до оплодување или бременост, бидејќи некои можат да спречат оплодување, додека други доведуваат до спонтан абортус.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни