Која е сопругата на Бруклин Бекам – Никола Пелц Бекам?

Никола Пелц Бекам е актерка, режисерка и наследничка, а во последно време е во центарот на медиумското внимание поради јавниот конфликт меѓу нејзиниот сопруг Бруклин Бекам и неговите родители.

„Актерка. Сценаристка. Режисерка. И активистка за кучиња.“ Така Никола Пелц Бекам се опишува себеси во својата биографија на Инстаграм.

31-годишната сопруга на Бруклин Бекам се најде во центарот на медиумска бура по експлозивната објава на нејзиниот сопруг на социјалните мрежи, во која тој јавно ги нападна своите познати родители Сер Дејвид и Лејди Викторија Бекам.

Иако пошироката јавност ја запозна по бракот со најстариот син на семејството Бекам, Никола е веќе позната по својата актерска кариера и по своето семејно потекло. Таа е ќерка на милијардерот и бизнисмен Нелсон Пелц и поранешниот супермодел Клаудија Хефнер.

Нејзиниот татко е коосновач на инвестициски фонд со седиште во Њујорк и поранешен директор на неколку глобални брендови, меѓу кои и Heinz. Мајка ѝ беше успешен модел во 1980-тите и 1990-тите. Двојката има осум деца и е во брак повеќе од 40 години.

Никола пораснала во Њујорк и во интервју од 2019 година откри дека нејзините родители првично биле против нејзината желба да стане актерка.

„Играв хокеј на мраз и татко ми сакаше целосно да се посветам на тоа. Но, кога имав 11 години, ја замолив мајка ми да пробам со актерство бидејќи ја обожавав драмската секција. На почетокот беа многу против“, изјави таа.

Сепак, родителите подоцна ја поддржале, а таа ја добила својата прва театарска улога во претставата Blackbird во 2005 година. Филмското деби го имала уште во 2004 година во божиќната комедија Deck the Halls.

Подоцна глумеше во The Last Airbender (2010), во серијата Bates Motel (2013), како и во филмот Transformers: Age of Extinction (2014). Се појави и во серијата When the Street Lights Go On.

Нејзиниот следен проект е независниот филм Prima, каде ја игра главната улога балерина, а сценариото е базирано на приказна и лик создадени од самата Никола.

Таа се појавила и во музички спотови на Зејн Малик и Мајли Сајрус, како и во модни кампањи за брендови како италијанскиот Genny.

Во 2024 година го имаше своето режисерско деби со филмот Lola, кој го напиша и во кој глумеше. Филмот доби мешани реакции од критиката.

Никола отворено зборувала и за критиките дека е „привилегирана наследничка“:
„Луѓето често велат дека не работам, но на Lola работев шест години.“

Покрај кариерата, таа е позната и по активизмот за заштита и вдомување животни, за што во 2022 година доби награда од PETA.

Нејзината врска со Бруклин Бекам дополнително ја зголеми нејзината популарност, особено по нивната луксузна венчавка во 2022 година. Двојката се запознала на фестивалот Коачела.

Иако Никола во минатото јавно ја истакнуваше важноста на семејството и блиските односи, неодамна беше објавено дека избришала објава со честитка за 50-тиот роденден на нејзината свекрва.

Во моментов, таа и Бруклин се во центарот на јавен семеен конфликт, откако Бруклин објави дека нема намера да се помири со своите родители.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни