Која е Силија Флорес – сопругата на Николас Мадуро и „моќта зад престолот“ во Венецуела

Силија Флорес, сопруга на Николас Мадуро и една од највлијателните жени во Венецуела, со години била клучна фигура зад кулисите на режимот. Кoja е таа?

Заедно со венецуелскиот претседател Николас Мадуро, рано утринава беше уапсена и неговата сопруга и главна советничка Силија Флорес. Американски специјалци ги извлекле од нивната спална соба и брзо ги префрлиле надвор од земјата, каде што ќе им се суди по американски обвиненија за трговија со дрога.

Флорес, која Мадуро од милост ја нарекува „Силита“, повеќе од една деценија беше прва дама. Како животна партнерка на Мадуро повеќе од 30 години, таа изгради сопствен политички капитал и важеше за една од најмоќните жени во Венецуела, пишува CNN.

Силија Флорес е родена во 1956 година во градот Тинакиљо, а пораснала во работничките населби на западен Каракас. Мадуро, кој често го истакнува своето скромно потекло, го запознала во раните денови на чавистичкото движење.

Заедничка политичка борба

Како адвокатка специјализирана за трудово и кривично право, таа обезбедувала правна помош за Уго Чавез и други воени офицери затворени по неуспешниот обид за соборување на тогашниот претседател Карлос Андрес Перес во 1992 година.

Во тоа време и Мадуро водел кампања за ослободување на Чавез.
„За време на таа борба за негово ослободување, бевме вклучени во улични активности. Секогаш се сеќавам на еден состанок во Катија, кога млад човек побара збор и почна да зборува, а јас само го гледав. Реков: ‘Колку е интелигентен’“, се присети Флорес во ноември 2023 година во првата епизода од подкастот на Мадуро.

Оттогаш тие се неразделни, но Флорес паралелно го градела и својот политички пат. Првпат беше избрана во Националното собрание во 2000 година, една година откако Чавез стана претседател.

Обвинувања за непотизам

Повторно го освои мандатот во 2005 година, а една година подоцна стана првата жена претседателка на парламентот, наследувајќи го токму Мадуро, кој тогаш стана министер за надворешни работи.

За време на својот мандат им забрани на новинарите пристап до собраниската сала и беше критикувана поради вработување на десетици роднини. Во интервју за шпанскиот весник La Vanguardia, таа изјави дека жалбата никогаш не била формално поднесена и дека станувало збор за кампања за оцрнување, но ги потврди вработувањата:

„Да, членовите на моето семејство се вработени врз основа на сопствени заслуги; горда сум на нив и ќе ја бранам нивната работа секогаш кога е потребно.“

Значајно политичко искуство

Меѓу 2009 и 2011 година, Флорес беше втора потпретседателка на Обединетата социјалистичка партија на Венецуела, предводена од Чавез, кој во 2012 година ја именуваше за главна државна обвинителка.

Заедно со Мадуро, тогаш потпретседател, го посети Чавез на Куба, каде што се лекуваше од рак. Кога во 2015 година го отвори својот профил на Твитер, во описот стоеше „ќерка на Чавез“, што подоцна го промени во „чавистка“.

Флорес и Мадуро се венчаа во јули 2013 година, по повеќе од две децении заеднички живот и кратко по неговата победа на претседателските избори.

„Моќта зад престолот“

„Таа има значајно политичко искуство. Кога стана прва дама, се повлече во втор план. Но за многумина, таа е моќта зад престолот или главна советничка“, изјави за CNN Кармен Артеага, доктор по политички науки и професорка на Универзитетот Симон Боливар.

Според експертите, Флорес била најмоќната жена во земјата, иако своето влијание го користела „зад кулисите“. Нејзиното име повторно дојде во фокусот во 2015 година, кога двајца нејзини внуци беа уапсени под обвинение за трговија со дрога и подоцна осудени во Њујорк.

Иако се обидувала да се прикаже како мајчинска фигура, јавноста често ја доживува како подеднакво контроверзна и непопуларна како и Мадуро – како дел од истиот политички ентитет.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни