Многумина не можат да пронајдат идеално перниче. Некои се премногу меки и сплескани, други преголеми и цврсти, а резултатот е немирен сон и болки во вратот. Според д-р Гит Пол, директор за интервенционална медицина на болка при Универзитетот Џорџ Вашингтон, најчестата грешка е што луѓето го избираат перничето според удобноста, а не според начинот на кој спијат.
„Перничето треба да ја одржува главата и вратот во права линија со ‘рбетот,“ објаснува д-р Пол. „Многумина го избираат само затоа што е меко или раскошно, без да размислат за поддршката што ја нуди.“
Зошто вистинското перниче е важно
Покрај удобноста, вистинското перниче има влијание и врз здравјето. Погрешниот избор може да предизвика лош квалитет на сон, а тоа, според физиотерапевтот и едукатор за спиење д-р Даг Кери, е поврзано со влошена ментална состојба, послаб кардиоваскуларен систем и проблеми со меморијата.
Одредете го вашиот стил на спиење
Постојат четири главни начини на кои луѓето најчесто спијат. Некои претпочитаат да спијат на грб, што се смета за една од најздравите позиции бидејќи овозможува рамномерна распределба на тежината и правилна положба на ‘рбетот. Други, пак, спијат на стомак, иако оваа положба често предизвикува напрегање на вратот и грбот. Најчеста е положбата на страна, која може да биде на два начина – едниот, кога горното колено е благо повлечено наназад, што му овозможува на телото подобра рамнотежа и поддршка, и другиот, кога горното колено е повлечено напред, што може да создаде притисок во долниот дел на грбот и колковите.
Какво перниче одговара на секој тип спиење
Главната цел е ‘рбетот да биде во права линија додека главата одмора на перничето. Лошата поставеност – како навален врат или свиткан долен дел на грбот – може да создаде притисок и болка.
За спиење на грб, најважно е брадата да не го допира вратот, што може да се случи при високо или тврдo перниче. Д-р Линдзи Орос од Националната фондација за здравје на ‘рбетот препорачува да има простор од најмалку четири прсти меѓу брадата и градите. Таа советува и дополнителна поддршка под колената – со перниче или свиткано ќебе – за да се намали притисокот врз долниот дел на грбот.
За спиење на страна, перничето треба да биде повисоко за да ја одржи главата во линија со ‘рбетот, а можно е и мало перниче меѓу колената за правилна поставеност на колковите.
За спиење на стомак, експертите генерално не го препорачуваат овој стил бидејќи создава напнатост во вратот. Ако е неизбежен, користете многу ниско перниче или спијте без него.
Материјали и дополнителни совети
Материјалот е прашање на лична удобност: мемори пена, латекс или обична пена се добри опции. Истражувањата покажуваат дека перничињата од пердуви се најмалку удобни, иако изгледаат луксузно.
Земете го предвид и типот на душекот – на помек душек телото повеќе тоне, па затоа треба пониско перниче. Исто важи и за лица со поголема телесна тежина.
Најважно е перничето да обезбедува рамномерна поддршка, бидејќи – без оглед на положбата – секој од нас ја менува позата 15–20 пати во текот на ноќта.
Во суштина, „вистинското“ перниче не е само прашање на удобност, туку на здравје и квалитетен сон – нешто што го заслужува секој што сака да се разбуди без болка.
Извор: The Guardian