Марија Корина Мачадо од Венецуела е добитничка на Нобеловата награда за мир.
Претседателот на Нобеловиот комитет, Јорген Ватне Фриднес, ја започна објавата со зборовите дека наградата оди кај „храбра и посветена застапничка на мирот“.
„Кај жена која го одржува пламенот на демократијата жив среде растечка темнина.“
Којa е Марија Корина Мачадо?
Марија Корина Мачадо (родена на 7 октомври 1967 година) е венецуелска политичарка и моментална лидерка на опозицијата во Венецуела. Таа беше пратеничка во Националното собрание на Венецуела од 2011 до 2014 година.
Во политиката влезе во 2002 година како основачка и раководителка на групата за набљудување на избори Súmate, заедно со Алехандро Плаза.
Таа е национална координаторка на политичката партија Vente Venezuela.
Во 2018 година беше вклучена во листата 100 жени на Би-Би-Си, а во 2025 година списанието Time ја прогласи за една од 100-те највлијателни личности во светот.
Мачадо се смета за една од водечките фигури на венецуелската опозиција, а владата на Николас Мадуро ѝ забрани да ја напушти државата.
Политичка кариера и репресија
Таа е економистка и една од најистакнатите критичарки на режимот на венецуелскиот претседател Николас Мадуро.
Во 2012 година беше кандидатка на претседателските избори, но ги загуби опозициските предизбори од Енрике Каприлес.
За време на протестите во 2014 година, беше една од главните организаторки на демонстрациите против владата.
Во 2019 година, во текот на претседателската криза, изјави дека повторно ќе се кандидира за претседателка ако привремениот претседател Хуан Гуаидо успее да распише избори – што на крајот не се случи.
Забрана и обиди за кандидатура
Во 2023 година, беше преткандидатка на нејзината партија на опозициските предизбори, но на 30 јуни истата година, главниот државен ревизор ѝ изрече дисквалификација од 15 години. Нејзината дисквалификација беше потврдена од Врховниот суд во јануари 2024.
По победата на предизборите, беше прогласена за опозициски кандидат за претседателските избори во 2024 година, но на 22 март 2024 година беше заменета од Корина Јорис.
Јорис не успеа да ја регистрира својата кандидатура, па привремено ја замени Едмундо Гонзалес Уррутија.
На 1 август 2024 година, Мачадо објави писмо во „The Wall Street Journal“, наведувајќи дека се крие „плашејќи се за својот живот, слободата и животот на своите сонародници поради диктатурата на Николас Мадуро“.
Во јануари 2025 година беше накратко уапсена по говор на протест во Каракас, но брзо беше пуштена. Таа тврди дека режимот се обидува да ја замолчи опозицијата додека земјата тоне во економска и политичка криза.