Двoнеделниот план за прекин на огнот меѓу САД и Иран предвидува воведување такси за бродовите што минуваат низ Ормускиот теснец, еден од најважните морски коридори во светот. Според регионален функционер вклучен во преговорите, Иран и Оман би можеле да наплаќаат „патарина“ за транзит низ овој тесен влез во Персискиот Залив.
Ова претставува значајна промена, бидејќи меѓународната заедница досега го третираше теснецот како слободен поморски пат низ кој бродовите се движат без плаќање. Според истите извори, Техеран планира приходите од таксите да ги искористи за обнова по конфликтот, додека сè уште не е познато за што Оман ќе ги користи средствата.
Информацијата ја пренесе Associated Press, повикувајќи се на извор кој бил директно вклучен во преговорите, но сакал да остане анонимен.
Ормускиот теснец, кој се наоѓа во територијалните води на Иран и Оман, има клучно значење за глобалната трговија со нафта и гас, низ него поминува значителен дел од светските енергетски испораки.
Доколку се воведе наплата за премин, аналитичарите предупредуваат дека тоа може дополнително да ги зголеми трошоците за транспорт и да влијае врз цените на енергенсите на глобално ниво.