Кој ќе ги наследи милијардите на Валентино Гаравани?

Иако не зборувал јавно за тоа, Валентино бил посветен филантроп. Во 1990 година, тој ја основал Академијата „Валентино“ во Рим, културна институција посветена на изложби и хуманитарни настани.

Валентино Гаравани почина вчера. Тој беше последниот голем монарх на италијанската висока мода и последен член на таканареченото „свето тројство“, во кое беа и Џани Версаче и Џорџо Армани. Неговото заминување означи крај на една ера, но веднаш го отвори прашањето – кому ќе му остане огромното богатство што го создаваше со децении.

Кој ја наследува империјата на Валентино

Валентино Гаравани немаше потомци, па прашањето за наследството беше тема за која, според тврдењата на блиски соработници, сериозно размислувал во последните години. Џанкарло Џамети, неговиот долгогодишен деловен и животен партнер, отсекогаш играл централна улога во управувањето со имотот, човек кој бил клучна фигура во градењето на брендот од самиот почеток. Тие заедно создадоа, инвестираа и развија модна империја, поради што се претпоставува дека Џаметио поседува барем половина од вкупниот имот.

Значаен дел од наследството речиси сигурно ќе му припадне на Брус Хаксема, со кого Валентино го делеше својот живот речиси четири и пол децении. Хаксема ја започна својата кариера како модел, потоа стана потпретседател на модна куќа, а подоцна го основа луксузниот бренд VBH. Валентино имаше и сестра, Ванда, која почина во 1997 година, оставајќи зад себе два сина. Иако деталите од тестаментот не се познати на јавноста, се претпоставува дека и тие се вклучени во распределбата на наследството.

Империја од милијарда и пол долари

Во времето на неговата смрт, вредноста на империјата Валентино беше проценета на околу милијарда и пол долари. Самиот дизајнер беше задолжен за креативниот дел, додека Џанкарло Џамети се сметаше за бизнис ум зад сцената. Благодарение на оваа поделба на улогите, сè излезе од нивната фабрика за соништа – од прекрасни фустани за црвени теписи и Оскари, до чевли, чанти, парфеми и луксузни модни додатоци кои донесоа стабилен и долгорочен профит на брендот.

Валентино ја организираше својата последна ревија за висока мода во Париз во 2008 година, по што се пензионираше. Оттогаш, сопственичката структура на куќата ја вклучува катарската компанија „Мејхула за инвестиции“, која држи 70 проценти од акциите, додека преостанатите 30 проценти ѝ припаѓаат на француската група „Керинг“, со опција за целосно преземање до 2029 година.

„Постојат куќи што дефинираат епохи“

„Постојат куќи што дефинираат епохи. Други одат подалеку и ги надминуваат“ – Оваа мисла совршено го опишува брендот Валентино, кој од самите свои почетоци во Рим, кон крајот на педесеттите години, стана трајна референца за луксуз, моќ и софистицираност. Неговото име остана синоним за романтика, совршенство на кројот и беспрекорен вкус. Фустаните со неговиот потпис ги носеа принцези, холивудски диви и жени кои ја гледаа модата како продолжение на нивната личност. Една од првите познати дами што ги облече беше Џеки Кенеди, вечната икона на стилот.

Златен прав од брендот Валентино

„Ми се допаѓа патината од прашина што го опкружува овој бренд. Правот е скапоцен“, рече Алесандро Микеле кога го презеде креативното водство на куќата во пролетта 2024 година, по заминувањето на Пјерпаоло Пичоли. Тој златен прав е симбол на традицијата, времето и безвременската вредност што Валентино ја вградуваше во секое парче. Неговата визија беше јасна: да ја воздигне женственоста преку класична елеганција. Чистите линии, раскошните волумени, богатиот вез и беспрекорната употреба на бои, особено познатата црвена боја на Валентино, станаа негов заштитен знак и естетски код што трае со децении.

Аристократски живот и недвижнини од соништата

Валентино Гаравани живееше како стар европски аристократ. Тој беше голем естет, љубител на класиката и елеганцијата, а тоа се одрази во неговото импресивно портфолио на недвижнини, чија вредност беше проценета на околу 350 милиони долари.

Меѓу нив се вила во Рим во близина на Шпанските Скали, куќа од 19 век во Лондон, пентхаус во Менхетен, замок од 17 век во близина на Париз, како и колиба во Гштад, во Швајцарските Алпи. Секој простор бил уреден различно и носел посебна лична приказна. Таа сума не ги вклучува неговите вредни уметнички колекции, кои страсно ги собирал.

Тивка филантропија без рефлектори

Иако не зборувал јавно за тоа, Валентино бил посветен филантроп. Во 1990 година, тој ја основал Академијата „Валентино“ во Рим, културна институција посветена на изложби и хуманитарни настани. Преку фондацијата што ја основа со Џамети, тој ја поддржуваше уметноста, образованието, зачувувањето на италијанското културно наследство, како и иницијативите во областа на модата и дизајнот. Донираше десетици милиони долари во добротворни цели, без никаква публицитет, верувајќи дека вистинската филантропија не бара аплауз.

Богатство што не се мери со пари

Валентино Гаравани остава зад себе многу повеќе од банкарски сметки, луксузни вили и деловни договори. Неговото најголемо наследство е трајното богатство – естетско, културно и креативно, кое не се истрошува и не губи вредност. Тоа е мода што ги надминала времето и епохите, и име што засекогаш ќе биде запишано со златни букви во историјата на светскиот стил.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни