Панел-дискусијата „Кој ја плаќа сметката? Цената на нееднаквоста“ ќе се одржи денеска во 12 часот во Europe House Skopje. Настанот се организира по повод меѓународниот ден на жената и е дел од иницијативата „Wear the Change“ (Носи ја промената), која има цел да отвори дебата за економските и социјалните предизвици со кои се соочуваат жените во Македонија.
На присутните ќе се обрати Бен Нупнау, вршител на должност амбасадор на Делегацијата на Европска Унија.
Во панелот ќе учествуваат: Никица Кусиникова од Konnect, претставник на Reactor – Research in Action, Македонка Димитрова, универзитетска професорка и претприемач, како и претставник од Министерството за економија и труд.
Модератор на дискусијата ќе биде Кристина Хаџи-Василева од Консалтинг за стратешки развој.
Од образование до пензија: каде се создава економската нееднаквост?
Панелот ќе се фокусира на структурните економски предизвици со кои жените се соочуваат во текот на целиот животен циклус – од образованието и влезот на пазарот на труд, до напредувањето во кариерата, претприемништвото, семејните обврски и пензионирањето.
Дискусијата ќе се обиде да одговори и на прашањето како родовата нееднаквост функционира како системска економска нерамнотежа, која има директни финансиски последици врз доживотната заработка на жените, нивната пензиска сигурност, стабилноста на домаќинствата и економскиот развој на државата.