Неговата цена не е фиксна и постојано се менува во зависност од пазарните услови, понудата, побарувачката и глобалните настани. Но, кој навистина ја одредува вредноста на златото и како се пресметува неговата цена?
Во суштина, постојат два главни начини на кои се тргува со злато – преку спот цена и преку фјучерси. Спот цената претставува тековна пазарна вредност на една унца физичко злато. Таа може да се смета за некој вид „големопродажна“ цена, бидејќи ја одразува реалната вредност на суровината. Голем број инвестициски фондови што поседуваат физичко злато ја следат токму оваа цена. Меѓутоа, купувачите што одлучуваат да набават златни монети, прачки или накит, секогаш плаќаат повеќе. Причината е додадениот трошок – таканаречениот златен премиум – кој ги опфаќа преработката, транспортот, маркетингот и заработката на трговците. Затоа, вкупната вредност што ја плаќа потрошувачот претставува комбинација од спот цената и премиумот, што може да се толкува како разлика помеѓу големопродажна и малопродажна цена.
Покрај тоа, постои и тргување со злато преку фјучерси – договори со кои се утврдува купопродажба на злато по одредена цена и на конкретен датум во иднина. Со нив најчесто тргуваат инвеститори на берзите, бидејќи овие договори се поподвижни и полесни за продавање отколку физичкото злато. Кога ќе дојде датумот на истекување, договорот може да се затвори на два начини: или преку финансиско порамнување, кога се плаќа добивката или загубата во готовина, или преку физичка испорака, кога продавачот му го испорачува златото на купувачот по договорената цена.
Цената на златото, било да се работи за спот или фјучерси, зависи пред сè од понудата и побарувачката. На овие две категории влијаат повеќе фактори. Геополитичките настани, како војни, економски санкции или трговски конфликти, секогаш го зголемуваат интересот за злато, бидејќи овој метал се смета за „безбедно засолниште“ во време на нестабилност. Централните банки, пак, имаат огромна улога во регулирањето на глобалната понуда на злато. Тие купуваат или продаваат големи количини како начин да се заштитат од инфлација и да ја одржат економската стабилност.
Инфлацијата, исто така, игра значајна улога. Кога цените растат, инвеститорите бараат средство што ја задржува вредноста – а златото токму тоа го прави. Спротивно на тоа, кога каматните стапки растат, златото може да изгуби дел од својата привлечност, бидејќи не носи камата, а вложувањата во готовина или обврзници стануваат попрофитабилни. Исто така, активноста во рударството влијае врз понудата: колку повеќе злато се ископува, толку поголема е понудата, а тоа може да ја намали цената – но повисоките трошоци за производство ја зголемуваат.
Историјата покажува дека златото поминало низ драматични периоди на раст и пад. Од 1934 до 1970 година, вредноста му се намалила за повеќе од 65 проценти. Потоа, во текот на 1970-тите, доживеало експлозивен раст од 850 проценти, за потоа, меѓу 1980 и 2001 година, повторно да падне за 82 проценти. Од 2001 година до денес, златото повторно бележи раст – дури 591 проценти до септември 2025 година.
Во изминатата година, златните фјучерси пораснаа за 46 проценти. Овој скок се должи на новата американска царинска политика, засилените геополитички ризици во Источна Европа и Блискиот Исток и ослабувањето на американскиот долар, што ги натера централните банки да ги зголемат своите златни резерви за да ја намалат зависноста од доларот.
Во моментов, златото се тргува по цена од околу 4.213 долари за унца, иако таа вредност се менува секојдневно. Прогнозите за наредната година се поделени. Според анализата на J.P. Morgan од јуни 2025 година, златото до крајот на 2026 година би можело да достигне 4.250 долари за унца, што би претставувало нов рекорд. Но, не сите аналитичари се согласуваат со оваа прогноза. Според податоците на Reuters, проценките за 2026 година варираат – од најниски 2.850 до највисоки 4.025 долари за унца.
Златото останува непредвидливо и фасцинантно – средство што може да донесе и сигурност и ризик. Неговата цена, како и неговата симболика, продолжува да го одразува пулсот на светската економија.
Извор: Yahoo