Ти што ќе стоиш на Газибаба,
потомче – чуј:
одовде и јас Скопје сум го гледал,
а денот беше пролетен, од тие
кога во меко единство се плетат
свежите линии на крововите
и сека топола е – зелен водоскок.
Со поглед малце премрежен сум бил
(одошто – молчам)
но видовит и јасен.
Можам да го замислам Конески како стои близу до Природно-математичкиот факултет на Гази Баба и го гледа градот пред него. Гледа жив организам, гледа град во пролетно утро, кровови со керамиди и по некоја топола (зелени водоскок) меѓу нив. Поглед полн со смиреност и надеж – гледа простор што дише, го гледа Скопје. Но, сепак и во моментот на уживање во погледот, пролетта и градот, Конески ме гледа мене, нѐ гледа нас – неговите потомци со премрежен поглед, чувствува дека ќе дојдат времиња кога градот (а и народот) повторно ќе треба да се препознаат и осмислат себеси. Да го осмислат она што за него е Скопје на иднината, Скопје на неговите потомци. Нашето Скопје денес.
За Конески Скопје географијата на Скопје е второстепена, она што е поважно е идејата. Град кој има одговорност за својот развој освен кон скопјани и кон целиот солидарен, напреден свет кој пружил рака да го обнови по Земјотресот. На отворањето на Музејот на современата уметност во ноември 1970 година, Конески кажува:
„…оваа зграда, таа беше создавана од невидливите нишки на симпатија и човечка солидарност, како залог за иднината на човештвото. Длабоко е чувството на нашата благодарност спрема сите оние што уште повеќе со дух и срце, отколку со материјалниот придонес, ја создавале оваа зграда и овој дом на уметноста. Длабоко е нашето чувство на одговорност спрема самата идеја на братство и солидарност меѓу луѓето во нашата земја и во целиот свет. Една ваква зграда се прави за широка комуникација со светот. Таа не е забутана во балканско сокаче, ами е исправена на овој брег откаде што со еден широк поглед се опфаќа и старото и новото Скопје и широките предели наоколу… Вакво здраво тело бара здрав дух. Од таков дух тоа е зачнато – од чувството за соработка и солидарност во културната акција за утврдување на човечките вредности. Како бел лебед нека се раскрилува оваа зграда на мирниот брег на градот Скопје“.
Од тоа место, Конески гледал град во создавање. Не „балканско сокаче“ туку светски град на модерната, град устроен за иднината, одговорно дизајниран и раководен град. Витрина во која пред светот се претставува нацијата и нејзините дострели, нејзината визија за квалитетен и современ живот.
За историските книги, половина век поминува веќе на почетокот на следната реченица. За град како Скопје кој, вака или онака, постои веќе две илјади години, половина век би требало да е само кратко интермецо, краток период меѓу изградба на два стратешки објекти… Ништо посебно. Но, овие педесет години кои ги сведочиме Скопје не само што се обновуваше, туку и неколку пати се преизмислуваше. И секој пат, во таа нова слика на себе си, нешто се губеше – не секогаш видливо, но суштинско: мерката, вкусот, почитта кон просторот и времето. А, најмногу визијата за тоа како треба да изгледа и функционира градот покрај Вардар.
Град освоен од „неградски фаци“, освоен од лакоми градители кои и на МСУ би кренале 10 спрата. Град на огромни профити и никакви комунални услуги. Некогашниот „светски град на модерната“, сега нема функционален јавен превоз, нема култура, нема основен план како да се развива. Ниту визија за тоа.
Градот што некогаш беше лабораторија на модерноста – место каде што светот дојде да помогне да се изгради подобро утре – денес изгледа како импровизација без идеја. На местото на визијата, остана само навиката да се гради, дури и кога нема зошто. Да се подига, без мера. Да се руши, без совест. Да се менува, без одговорност.
Така Скопје стана парадоксален град: град на луѓе што го сакаат, но не умеат да го чуваат. Град во кој истовремено живеат и носталгијата за некогашната модерност и агресивниот безвкус на сегашноста. Скопје што некогаш беше симбол на солидарноста, денес е симбол на самодоволноста – на општество што ја изгуби мерката и ја заборави идејата дека градот е живо битие, не инвестиција.
Денес, Скопје повторно избира кој ќе го води и тешко е да се препознае личност што ја носи одговорноста и свеста за градот што го замислуваше Конески. Кандидатите што се натпреваруваат за функцијата, делуваат како да не ја чувствуваат тежината на таа задача. Недостига визија, недостига културна мерка, недостига разбирање за симболичкото значење на просторот што треба да го претставуваат. Скопје не бара менаџер, туку чувар. Не бара техничар, туку визионер. Некој што разбира дека градот не е сума на проекти, туку ткаенина на човечки животи, сеќавања и надежи.
Ни треба некој кој ќе е свесен колкава е одговорноста и пред скопјани и пред Скопје, а и пред потомците кои доаѓаат по нас. Ни треба некој кој ќе може да застане на Гази Баба, некаде кај близу до Природно-математичкиот факултет, да го гледа градот пред него и да чувствува дека заслужил да рече:
„Ти што ќе стоиш на Газибаба,
потомче – чуј:
одовде и јас Скопје сум го гледал,
а денот беше пролетен…“