Мексиканскиот наркобос Немесио Осегуера Сервантес, познат како Ел Менчо, беше убиен во акција на мексиканските безбедносни сили, а според официјални информации, клучна улога во откривањето на неговата локација имала дојава поврзана со неговото најблиско окружување. Министерот за одбрана Рикардо Тревиља Трехо на прес-конференција изјави дека информацијата дошла преку доверлив контакт поврзан со една од неговите партнерки, што им овозможило на силите да го лоцираат комплексот во близина на Тапалпа.
Операцијата започнала откако безбедносните служби добиле точни координати за неговото скривалиште. Специјалните единици го опколиле изолираниот комплекс „Кабањас ла Лома“, по што следела престрелка со припадници на картелот. Во судирот биле убиени осум членови на групата, а двајца војници биле ранети. Ел Менчо се обидел да избега кон шумската област заедно со своите телохранители, но по кратка потера бил пресретнат. Според властите, сите тројца биле тешко ранети и починале за време на транспортот со хеликоптер кон болница.
По акцијата, мексиканските власти ја засилија безбедноста во регионот поради страв од одмазднички напади. Во неколку градови биле запалени автомобили и блокирани патишта, а во судири со војската загинале и припадници на безбедносните сили. Иако американските разузнавачки служби помогнале со информации, мексиканските власти нагласуваат дека планирањето и извршувањето на операцијата било во рацете на домашните сили.
По смртта на водачот на картелот, вниманието се насочи кон неговата сопруга Розалинда Гонзалез Валенсија, позната како Ла Хефа, која со години се поврзува со финансиските операции на групата. И покрај бројните шпекулации на социјалните мрежи, властите досега не потврдија дека е уапсена или дека е распишана активна потерница. Нејзината моментална локација останува непозната, што дополнително ја зголемува неизвесноста околу иднината на картелот.