Анкета на Трн спроведена меѓу 173 млади испитаници покажува дека 53 проценти од нив сметаат дека „правилата“ за тоа како треба да се однесуваме во љубов и во секс најмногу се учат од друштво и пријатели. Дополнителни 24,4 проценти велат дека тие пораки ги добиваат од медиуми и социјални мрежи. Само 16,3 проценти го посочиле семејството, 2,9 проценти религијата, а само 3,5 проценти училиштето.
Овие бројки покажуваат нешто алармантно: кој отсуствува. Кога училиштето речиси и да не е извор на знаење за љубовта, сексуалноста, согласноста и репродуктивното здравје, празнината ја пополнуваат врсниците, медиумите и дигиталните платформи.
Токму затоа прашањето е: кој ги учи младите за сексот? И дали младите учат од стручни извори, или од алгоритми и непроверени пораки?
Хера: Без проверени информации, младите остануваат меѓу митови и притисоци
На ова предупредува и ХЕРА, Асоцијација за здравствена едукација и истражување, водечка организација во земјава што се занимава со сексуалното и репродуктивното здравје и сексуалните права. Од ХЕРА велат дека опасностите од добивање информации за овие теми, односно за „сексуалното образование“, преку социјалните мрежи очигледно и очекувано стануваат особено изразени во контекст каде формалното образование и семејството имаат ограничена улога во пренесувањето знаења и информации на младите.
Според нив, одговорите на анкетата покажуваат дека учењето се одвива без стручна поддршка и без проверени информации, што отвора простор за дезинформации, митови и нереални претстави за телото, врските и интимноста.

Токму во таква средина, социјалните мрежи не се само место каде младите бараат одговори, туку и простор што активно ги обликува нивните очекувања. Од ХЕРА нагласуваат дека социјалните мрежи дополнително создаваат притисок за „совршен“ изглед и „совршени“ односи, што е исклучително опасно, првенствено по здравјето и безбедноста, а истовремено влијае и врз самодовербата и очекувањата кај младите.
Ова е особено важно ако се има предвид дека токму таму младите често ги добиваат првите пораки за телото, привлечноста, интимноста и односите. Наместо разговор заснован на доверба, знаење и одговорност, тие се соочуваат со содржини што најчесто не нудат контекст, не прават разлика меѓу реалност и перформанс и ретко отвораат простор за теми како согласност, емоционална подготвеност, лични граници и заемна почит.
Од ХЕРА укажуваат и дека, иако постојат дезинформации дека воведувањето на овие теми во училиште ќе поттикне зголемена сексуална активност, напротив, добивањето информации од социјалните мрежи често кај младите ја нормализира интимноста без да обезбеди разбирање за емоционалната подготвеност и личните граници.
Зошто сеопфатното сексуално образование е неопходно
Токму тука доаѓа и суштинската разлика меѓу случајното информирање и сеопфатното сексуално образование.

Во спротивност со ваквиот хаотичен и непроверен проток на пораки, од ХЕРА велат дека сеопфатното сексуално образование, како што е дефинирано со стандардите на Светската здравствена организација, претставува структуриран и научно заснован пристап кој не се сведува само на информации, туку гради знаења, вештини и вредности за здрави и еднакви односи, разбирање на согласност, комуникација, родова еднаквост и заштита од насилство.
Тоа значи дека сексуалното образование не е лекција сведена само на биологија или репродукција. Тоа е процес преку кој младите учат како да го разбираат своето тело, како да препознаат што е почит, што е притисок, што е насилство, а што е одговорна и безбедна комуникација со другиот. Токму затоа неговото отсуство не создава неутрална празнина, туку простор што брзо го исполнуваат стереотипите, митовите и содржините што циркулираат без одговорност.
Од ХЕРА дополнуваат дека кога ваквиот пристап отсуствува, младите остануваат без клучни алатки за критичко размислување и донесување информирани одлуки, па наместо тоа ги усвојуваат моделите што ги гледаат онлајн, кои често ги репродуцираат стереотипите и двојните стандарди што и самата анкета ги детектира. Затоа, според нив, главната опасност не е само во ризикот од погрешни информации, туку и во тоа што социјалните мрежи ја преземаат улогата на едукатор без одговорност, структура и заштита, оставајќи ги младите да се движат низ важни животни прашања без соодветна поддршка.

Во таа смисла, дебатата за сексуалното образование не смее да остане заробена во старите стравови и намерно искривените претстави дека оваа тема е „прерана“, „опасна“ или „несоодветна“ за училиште.
Сексуалното образование не е споредна тема
Сексуалното образование не треба да се третира како споредна или чувствителна тема што може бескрајно да се оттурнува, туку како прашање од јавен интерес, јавно здравје и општествена одговорност. Ако институциите не се присутни таму каде што младите ги формираат своите знаења за телото, сексуалноста и односите, тогаш тоа место ќе го заземат други извори. А тие извори не секогаш нудат вистина, грижа или заштита.
Затоа, податоците од анкетата на Трн не се само уште еден показател за влијанието на социјалните мрежи. Тие се јасен сигнал дека општеството оставило премногу важна тема да се обликува на места каде нема доволно проверка, одговорност и стручна поддршка. Кога само 3,5 проценти од младите велат дека училиштето е местото каде што најмногу ги учат „правилата“ за љубовта и сексот, тогаш проблемот не е во тоа што младите бараат информации на интернет, туку во тоа што институциите предолго отстапуваат простор што требало да им припаѓа ним.