Кој е шефот за борба против тероризмот на Трамп што поднесе оставка поради војната со Иран?

Џо Кент поднесе оставка од функцијата во администрацијата на Доналд Трамп, наведувајќи дека не може да ја поддржи војната со Иран.

Највисокиот американски функционер за борба против тероризмот, Џо Кент, поднесе оставка со образложение дека „со чиста совест“ не може да ја поддржи војната со Иран, бидејќи таа земја „не претставувала непосредна закана“ за САД.

Кент (45), поранешен припадник на специјалните сили и на ЦИА, кој двапати неуспешно се кандидирал за Конгрес, беше директор на Националниот центар за борба против тероризам, агенција задолжена за откривање и анализа на терористички закани, пренесува Скај њуз.

Оставката ја објави на социјалните мрежи.

„Не можам со чиста совест да поддржам војна што се води во Иран. Иран не претставуваше директна закана за нашата нација и јасно е дека ја започнавме оваа војна под притисок на Израел и неговото моќно американско лоби“, напиша тој.

Причини за оставката

Кент, кого го назначи Доналд Трамп, беше потврден од Сенатот минатиот јули со 52 гласа „за“ и 44 „против“. Тој е највисокиот функционер од администрацијата кој јавно се спротивстави на војната на Трамп со Иран, укажувајќи на загриженост што постои и кај дел од неговите поддржувачи.

Кент истакна дека оставката ја поднесува поради сомнежи околу причините или нивниот изостанок за нападите врз Иран. Дел од експертите сметаат дека постоењето директна закана е неопходно за претседателот да започне војна без одобрение од Конгресот, во согласност со меѓународното право.

Трамп како причини за војната наведе спречување на Иран да развие нуклеарно оружје, уништување на неговите балистички капацитети и промена на режимот. Тој ги отфрли тврдењата дека САД биле турнати во конфликтот поради израелски притисок.

Коментирајќи ја оставката на Кент во Овалниот кабинет, Трамп изјави дека отсекогаш сметал оти тој е „слаб по прашањата за безбедност“. Додаде дека ако некој во неговата администрација не верува дека Иран е закана, „такви луѓе не ни се потребни“.

Воена и политичка кариера

Кент служел 20 години во армијата, учествувајќи во 11 мисии како припадник на елитната единица „Зелени беретки“. Потоа се приклучил на ЦИА како паравоен офицер. Подоцна бил советник за борба против тероризам во кампањата на Трамп за реизбор во 2020 година.

Пред да влезе во администрацијата, Кент двапати неуспешно се кандидирал за Конгрес во државата Вашингтон. Тој претходно беше силен поддржувач на Трамп, кого го запознал по смртта на својата сопруга Шенон Кент, криптолог во американската морнарица, која во 2019 година загина во самоубиствен бомбашки напад во Сирија за време на борбите против Исламска држава. По нејзината смрт, останал сам со нивните два сина.

Во авторски текст за Ен-би-си њуз, објавен една година подоцна, Кент го пофали Трамп за „емпатијата и вниманието“ што ги покажал во еден од најтешките моменти во неговиот живот.

Врски со екстремната десница

За време на конгресната кампања во 2022 година, Кент му плаќал на Греам Јоргенсен, член на екстремно десничарската група Proud Boys, за советнички услуги. Исто така соработувал со Џои Гибсон, основач на христијанско-националистичката група Patriot Prayer.

Демократите се спротивставија на неговото именување, критикувајќи го поради овие врски и склоноста кон теории на заговор. За време на сослушувањата во Сенатот, Кент не се дистанцираше од тврдењата дека федерални агенти го поттикнале нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година, ниту од неоснованите наводи дека Трамп победил на изборите во 2020 година.

Дополнително, тој беше испрашуван и за учество во групен разговор на апликацијата Signal, кој тимот за национална безбедност на Трамп го користел за дискусии за воздушни напади врз Хути во Јемен.

Републиканците, пак, ги истакнуваа неговите квалификации и ја пофалија неговата воена и разузнавачка кариера.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни