Кој е Родриго Пас, новиот претседател на Боливија?

Родриго Пас ја победи левицата на изборите во Боливија и најави економски реформи, отворање кон Западот и крај на неефикасните државни фирми.

Родриго Пас е новоизбраниот претседател на Боливија кој победи во вториот круг од претседателските избори со освоени 54,6% од гласовите, по пребројани 97,8% од гласачките ливчиња. По победата, изјави дека Боливија „постепено си го враќа своето место на меѓународната сцена“ и повика на отворање кон светот. Со неговиот избор завршува речиси две децении социјалистичка власт, предводена од движењето МАС на поранешниот претседател Ево Моралес.

Родриго Пас Переира, 58-годишен кандидат од Христијанско-демократската партија, е син на поранешниот претседател Хајме Пас Замора. Роден е во изгнанство во Шпанија, образован во језуитски училишта, а дипломирал во САД. Политичката кариера ја започнува во Тарија, напредувајќи од локален советник до сенатор, соработка градејќи со различни партии од левицата до десниот центар.

Пас се претстави како центристички кандидат кој вети дека ќе ги задржи социјалните програми за сиромашните, но истовремено ќе поттикнува приватни инвестиции и ќе затвора државни компании кои работат со загуба. Според него, „државата е пречка“, а јавната администрација е оптоварена со „паразити што земаат плата, а не работат ништо“. Неговиот економски план вклучува олеснувања за мали бизниси, фискална автономија за регионите и отворање кон Западот. Тој најави преговори со ММФ, Светската банка и Меѓуамериканската банка поради растечкиот надворешен долг. Во надворешната политика, сака да ги обнови врските со САД и ЕУ, по годините на блискост со Русија и Кина.

Изненадување во кампањата беше изборот на Едмандо Лара за потпретседател – поранешен полицаец без политичко искуство, кој стана вирален на TikTok по разоткривање на корупција во полицијата. Лара со своите популистички изјави често ја засенуваше умерената реторика на Пас, а дел од гласачите изјавија дека гласале токму заради него. Пасовата партија победи во 6 од 9 боливиски региони, добивајќи поддршка и од домородните народи и работничката класа, традиционално поврзани со левицата. Неговиот слоган „Капитализам за сите“ привлече мали претприемачи и трговци кои се чувствуваа оптоварени од високи даноци и регулации.

Сепак, новата влада се соочува со сериозни предизвици – пред сè, фрагментиран парламент без јасно мнозинство, што ќе бара градење коалиции за секоја крупна реформа. Економистите предупредуваат дека кризата е длабока, буџетската дупка е огромна и болното фискално прилагодување е неизбежно. Пас е во брак со Марија Елена Уркуиди и имаат четири деца. Функцијата официјално ќе ја преземе на 8 ноември.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни