Кој е патриотскиот стандард?

Дали во Македонија можеме да си дозволиме да имаме три деца? Со овие плати, со овој здравствен и образовен систем, со преполни градинки и немање на дополнителна детска нега? Дали патриотизмот се мери според бројот на децата кои ги раѓаме? И ако е така, зошто тогаш политичарите не се првите патриоти, туку најчесто имаат едно или две деца? Дали треба да се откажеме од желбите, чекајќи државата да се среди, а патриотизмот да се префрли од жените кои раѓаат, кон оние кои ја креираат политиката и треба да напарават услови за да можеме да имаме второ и трето дете?

Дали во Македонија можеме да си дозволиме да имаме три деца? Со овие плати, со овој здравствен и образовен систем, со преполни градинки и немање на дополнителна детска нега?

Со овие социјални услови и животен стандард, дали навистина можеме (и треба) да имаме три деца?

Дали патриотизмот се мери според бројот на децата кои ги раѓаме? И ако е така, зошто тогаш политичарите не се првите патриоти, туку најчесто имаат едно или две деца?

Од каде да почнам со темата? Од просечната плата со која едно четиричлено македонско семејство едвај врзува крај со крај, а секој дополнителен член е трошок што го „скратува месецот“ за десетина дена? Или од сметките што растат непропорционално со порастот на платите?
Можеби од фактот дека мора да имаме уште една или две дополнителни работи за да им овозможиме на тие деца пристоен летен и зимски одмор, а сето тоа на сметка на времето што не можеме да го поминеме со нив, бидејќи мама и тато треба да работат до доцна?

Дали да почнам од градинките кои се преполни, во кои постојат долги листи на чекање за прием на ново дете? Оние исти градинки кои работат многу пократко од реалното работно време на родителите?


Или пак од училиштата кои ретко нудат целодневна настава а и кога ја има најччесто е само до трето одделение, па децата на седум-осум години мораат да си одат дома и да седат сами?

Образовниот систем кој за една деценија смени речиси исто толку наставни програми – од дигитални учебници, преку учење „без учебници“, до учебници полни со нелогичности и грешки.

Бабите и дедовците нема ни да ги споменувам. Нивна работа не е да ни трчаат по децата, да ги чуваат и да ни готват ручек. Тие треба да си ги живеат своите пензионерски денови.

Имаме ли воопшто бенефиции за трето дете во државата?
Оние 9.000 денари што едвај беа доволни за едно дете, а не за три, одамна ги нема. И кога ги исплаќаа, беа далеку од вистинска реформа или стимулација за трето дете. Вистинска реформа би била бесплатна градинка, бесплатни училишни екскурзии, оброци, бесплатен училишен прибор…

А, што е со парковите каде што треба да ги носиме децата? Колку нови паркови се изградени?
Ако со секој стан оди паркинг место – зошто со секоја зграда да не оди и парк и зелена површина?

Каде се велосипедските патеки? Патеките за дтски колички? Работните позиции со можност за флексибилно или скратено работно време?
Каде е чистиот воздух, еколошката средина, едукативните детски центри, бесплатните игротеки…?

Сето ова се владински и општински проекти, а голем дел од нив бараат повеќе волја и идеја, отколку пари во буџетот. Сите бараат патриотизам. Но, искрено – не го гледам баш.

Од друга страна, што ако чекаме сè да биде идеално за да имаме деца?


Дали треба да се откажеме од желбите, чекајќи државата да се среди, а патриотизмот да се префрли од жените кои раѓаат, кон оние кои ја креираат политиката и треба да напарават услови за да можеме да имаме второ и трето дете  без да мислиме дали ќе можеме да им овозможиме основни средства за живеење, а зошто да не и повеќе од тоа?

Лично, не верувам во теориите за „вечни жртви “,на луѓето кои постојано се под притисок на неправдите кои со тек на време стануваат изговор за сите нивни неостварени соништа. Комфорна зона на немоќ, летаргија и самосожалување.

Да, државата е таква каква што е. Се менува споро, под притисок на бирократијата, традиционалните вредности, растечкиот национализам, лажните патриоти и искривените вредности.

Но, ако не се бориме  системот нема да се промени. Ќе тапка во место. Ќе тапкаме и ние. Заедно со вечниот изговор дека не ни е дадено она што треба.

Но ако правиме нешто, секој од нас, ќе ги менуваме работите. Малку по малку, дел по дел…


Ако сме иницијатори на промените  во градинките, во училиштата, во здруженијата за женски и детски права, ако работиме на поддршката на оние на кои им е потребна помош, ако го менуваме системот во поинклузивен за децата со попречености во развојот, за оние со ретки болести, со хронични состојби, за самохраните мајки и татковци… работите ќе се менуваат.

Ако се бориме за секое парче зеленило на кое нашите деца ќе трчаат, ако не се откажуваме од борбата за чист воздух во градот, за осветлени улици и автобуските станици, за нови паркови, за безбеден јавен превоз, за поголеми детски додатоци…ќе бидеме дел од промените.


Ако покренуваме иницијативи за бесплатни градинки, за нови детски едукативни центри, ако бараме да се градат нови градинки и училишта, да се зголемат платите на негувателките и воспитувачките во градинките и да се продолжи работното време….Да се вработува стручен и поброен кадар. Ако се бунтуваме против неправдите ќе можеме да очекуваме тие да се променат.


Ако ги учиме децата дека различностите се убави и дека треба да се прифатат, ако ја прегрнеме инклузијата и бараме уште повеќе разбирање и емпатија, ќе ствараме нов свет за нашите деца.

Не ни е потребен додаток за трето дете, туку бесплатна градинка, училишен прибор, наставни асистенти за децата со посебни потреби во основните училишта…

Да се бориме за се што ни следува, наместо да се откажеме и да седиме во „комфорната зона на немањето услови“ да се жалиме и да чекаме државата да ни створи идеални услови.

Тоа е патриотизмот. Да не се откажеш од она што го сакаш  дури и кога е најтешко. Да пробаш да смениш нешто.

Менувајќи ги малите работи, го менуваме големиот свет.
Во очите на нашите деца, ние сме херои.

И да, не знам дали е патриотски, ама е убаво да се има три деца.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни