Кој е новиот директор на ЗОО Скопје: Георгиевски го именувал Стево Ќирков, осудуван за измама со животни

Новоименуваниот директор на ЗОО Скопје, Стево Ќирков, бил осуден за измама со животни во 2018 година

Активистката за права на животни Мери Јорданова на својот јавен профил на социјалните мрежи објави серија информации поврзани со именувањето на новиот директор на Зоолошката градина Скопје, отворајќи прашања за неговото минато и соодветноста за функцијата.

Според нејзината објава и пресудата која ја објави, лицето Стево Ќирков во 2018 година било осудено со правосилна пресуда К бр. 1205/18 на условна казна за кривично дело измама, поврзана со продажба на кучиња. Како што наведува Јорданова, Ќирков на купувачи им наплаќал износи од околу 600 евра за кучиња, ветувајќи педигре документација, која подоцна не им била доставена.

Поради неплаќање на изречената казна и судските трошоци, во 2021 година Ќирков одлежал три месеци затвор во Казнено-поправната установа Идризово, по што ги подмирил обврските и бил ослободен. Според сведоштва од Кинолошкиот сојуз, наведени во судската постапка и пренесени преку оштетените, истото лице било познато и по други слични случаи на измама, пишува Јордановска во постот.

Според неа, иако поради поминатиот временски период оваа пресуда денес е избришана од казнената евиденција, тоа не го менува фактот дека делото било сторено и судски утврдено.

Во својата јавна реакција, активистката поставува низа прашања од јавен интерес: Како лице со вакво минато може да раководи со институција која работи исклучиво со животни? Дали, по сите досегашни скандали поврзани со ЗОО Скопје, ова е најсоодветниот избор за директор? И дали во моментов против ова лице се води друга кривична постапка?

Објавата доаѓа во контекст на долгогодишните реакции на граѓански организации и активисти поврзани со состојбата во Зоолошката градина Скопје, транспарентноста во управувањето и одговорноста на институциите.

До моментот на објавување на овој текст, од Град Скопје и од градоначалникот Георгиевски нема официјален јавен одговор на наводите изнесени од активистката.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни