Грегори Бовино стана заштитно лице на заострената имиграциска политика на американскиот претседател Доналд Трамп ширум САД. Но, според најновите информации, овој висок командант на Граничната патрола треба да се повлече од Минеаполис, по серијата критики и ескалацијата на тензиите што следеа по убиството на Алекс Прети, за кое беше одговорен агент на Службата за имиграција и царина (ICE).
Бовино се очекува во вторник да го напушти градот, а Трамп во меѓувреме го испрати таканаречениот „граничен цар“ Том Хоман, кој треба да оствари средба со градоначалникот на Минеаполис, Џејкоб Фреј. Овој потег се толкува како пресврт во пристапот на администрацијата, која по второто смртоносно пукање поврзано со ICE во Минесота почна поинтензивно да соработува со локалните власти.
Долга кариера и директна врска со врвот на власта
Грегори Бовино, 55-годишен офицер со долгогодишна кариера во американската Гранична патрола, во фокусот на јавноста влезе минатото лето за време на масовните имиграциски рации во Лос Анџелес, кои предизвикаа големи протести. Тогаш му беше доделена специјална функција – „командант со општи овластувања“ за спроведување на имиграциските закони во Калифорнија.
Оттогаш, Бовино беше присутен на речиси сите клучни операции –од Чикаго, преку Шарлот и Њу Орлеанс, до Минеаполис. Тој дејствува надвор од вообичаениот команден синџир и директно одговара на секретарката за внатрешна безбедност Кристи Ноем, која јавно го опиша како командант со „широки извршни овластувања“, објави NBC News.
Контроверзни методи и милитаризиран имиџ
Бовино ја презеде улогата на јавно лицепо поригидната примена на имиграциските закони под администрацијата на Трамп. Тој ја воведе тактиката „брз удар и повлекување“, со која се напушти поранешниот, подетален пристап на ICE.
Целта, според него, е апсењата да се извршат што побрзо и единиците веднаш да ја напуштат локацијата за да се избегнат судири со демонстранти. Бовино е исклучително активен и на социјалните мрежи, каде објавува снимки од операции често во забавена снимка и со музичка подлога.
Неговиот јавен настап, вклучително и појавувањето со јуришни пушки и целосна тактичка опрема, е предмет на жестоки критики. Германскиот магазин Der Spiegel дури го спореди неговиот изглед со униформите на СС-единиците од нацистичка Германија.
Одбраната на агентите по смртоносната пукање
По убиството на Алекс Прети во Минеаполис, Бовино јавно застана во одбрана на своите агенти. Во изјава за CNN тој рече дека медицинскиот техничар „сам се довел во таа ситуација“.
„Кој е жртвата? Агентите на Граничната патрола се жртви. Не ги обвинувам“, изјави Бовино, тврдејќи дека Прети „влетал“ во полициска операција и дека е „многу веројатно“ оти имал намера да ги нападне службениците. Овие изјави дополнително ги засилија реакциите во јавноста и притисокот врз федералните власти.
