Кој беше Али Хамнеи – човекот кој 36 години владееше со Иран со тврда рака

Кога на 4 јуни 1989 година Собранието на експерти го избра Али Хосеини Хамнеи за Врховен лидер на Иран, многумина верувале дека станува збор за привремено, компромисно решение. Хамнеи не бил ни ајатолах, немал религиозните квалификации пропишани со уставот, па уставот мораше да се измени за да може воопшто да биде избран. Советниците очекувале дека ќе биде лесен за контрола. Погрешиле.

Во следните 36 години, Хамнеи ги надживеа сите свои противници, ги преживеа сите протести и го изгради еден од најмоќните теократски режими во современата историја.

Скромно потекло, непредвидлив успон

Роден на 19 април 1939 година во Машад, Хамнеи израснал во крајна сиромаштија. Во своите мемоари опишувал дом од 65 квадратни метри, еден простор и мрачен подрум, вечери со само леб и суво грозје. Неговиот татко бил локален верски учен со скромен углед.

На 11 години Хамнеи веќе носел свештеничка облека и студирал исламско право. Подоцна студирал во Ком кај самиот Рухолах Хомеини. Под шахот Мохамад Реза Пахлави бил уапсен шест пати и прогонет. Во 1981 година, бомба скриена во касетофон на прес-конференција му ја осакатила десната рака засекогаш – Хамнеи го преживеа атентатот и тргна кон претседателски избори само неколку месеци подоцна.

Во 1989 година, по смртта на Хомеини, судбина му се насмевнала . Неговиот главен ривал за наследство, ајатолахот Хосеин-Али Монтазери, прв бил определен за Хомеинијов наследник но Хомеини го разрешил откако Монтазери јавно се спротивставил на масовните тајни погубувања на политички затвореници во 1988 година. Проценките за бројот на жртви варираат: Human Rights Watch документира помеѓу 2.800 и 5.000 погубени, најмногу членови на опозициското движење МЕК. Во аудио-снимка од тие денови, Монтазери им рекол на извршителите: “Најголемото злосторство сторено во Исламската Република, за кое историјата ќе нè осуди, сте го сториле вие.”

Хомеини не му простил. Монтазери бил отстранет, а местото на Хамнеи неколку месеци подоцна – станало слободно.

Апсолутна власт, системска репресија

Според иранскиот устав, Врховниот лидер стои над сите над претседателот, парламентот, судството, армијата и медиумите. Хамнеи ги контролирал сите. Шест претседатели дошле и си отишле, сите на крај дискредитирани – Хамнеи секогаш останувал незасегнат.

Неговото владеење е обележано со серија разгнетувања. Студентски протести во 1999. Масовни демонстрации по спорните избори во 2009 – стотици убиени, десетици илјади уапсени. Протести против цените на горивото во 2019 – Amnesty International документирала над 300 убиени само за неколку дена, Хамнеи го одобрил гасењето на интернетот. А на почетокот на 2026 година, само неколку недели пред ракетните удари врз Иран, Хамнеи ги нарекол “бунтовници” луѓето кои протестирале поради економски колапс и осиромашување – и ги испратил безбедносните сили против нив. Специјалниот известувач на ОН проценил до 5.000 загинати во тој последен бран.

Жените – непријатели на теократијата

На 13 септември 2022 година, 22-годишната Јина Маша Амини, Куртка по потекло, била уапсена од иранската “морална полиција” поради “неправилно носење хиџаб”. Три дена подоцна почина во притвор. Истражната мисија на ОН потврди дека смртта е предизвикана со физичко насилство – иранскиот режим тврдеше дека умрела природно.

Следеа протести под мотото “Жена, Живот, Слобода” – најзначајното движење против режимот по Исламската револуција. Одговорот на Хамнеи беше без двоумење: над 500 убиени, 22.000 уапсени, смртни казни за учесници. Жените кои не носеле хиџаб им биле одземани автомобилите, лицата им биле скенирани со технологија за препознавање лица.

Во октомври 2022 Хамнеи рече дека смртта на Амини “длабоко му го скршила срцето” – и истовремено ги подржал безбедносните сили против протестантите. Неговата внуката, Фариде Морадхани, беше уапсена истата година откако јавно го повика светот да ги прекине врските со режимот.

Пари за прокси армии

Финансирањето на вооружени групи ширум Блискиот Исток беше столб на Хамнеиевата надворешна политика уште од деведесеттите. Хезболах во Либан, Хамас во Газа, Хути во Јемен, шиитски милиции во Ирак и Сирија – сите дел од она што Техеран го нарекуваше “Оска на отпорот”. Иранскиот режим трошел над 700 милиони долари годишно за Хезболах и до 100 милиони за Хамас – дури и за тоа време кога сопствениот народ трпел осиромашување поради санкциите.

Клучниот момент дојде во 2016 година, по потпишувањето на нуклеарниот договор JCPOA и делумното укинување на санкциите. Тогашниот лидер на Хезболах, Хасан Насралах, самиот тоа го признал во јавен говор: “Хезболах ги добива парите и оружјето од Иран. Се додека Иран има пари, Хезболах има пари.” Дел од замрзнатите средства ослободени со договорот беа насочени кон засилување на овие мрежи. На протестите во Иран, граѓаните тоа го знаеле – еден од најчестите слогани гласел: “Ниту Газа, ниту Либан – мојот живот е за Иран.”

Нуклеарна програма – адут или замка

Хамнеи ја направи нуклеарната програма централна за иранскиот национален суверенитет. Кога Трамп го напушти договорот JCPOA во 2018, Иран постепено ги надмина сите договорени граници. До крајот на 2024 година, според разузнавачките проценки, Иран имал доволно збогатен ураниум за пет до шест нуклеарни бомби. Токму нуклеарниот досие беше официјалниот изговор на американско-израелската Операција “Епски Бес” на 28 февруари 2026. Хамнеи ги отфрлил преговорите, тврдејќи дека американските барања претставуваат капитулација.

Наследство: контрола над сé, власт над ништо

Хамнеи беше вториот и последен Врховен лидер на Иранската Исламска Република. Преживеа атентат, шест претседатели, серија протести, регионална војна, нуклеарна изолација. Во неговите последни јавни изјави тврдеше дека иранскиот народ е “непобедлив”. На X постираше фотографија на запалено американско знаме: “Нема да се предадеме. Ова е логиката на иранскиот народ.”

Оваа слика е можеби најдобар симбол на неговото долго владеење: апсолутна власт, скршен народ, земја изолирана од светот.

Дали Исламската Република ќе го преживее нејзиниот Врховен лидер – тоа ќе го покаже тоа што следи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни