Kои земји во ЕУ даваат најмногу државјанства и каде е најлесно да се добие европски пасош?

Бројот на нови државјанства во ЕУ расте.Германија води по бројки, Шведска по стапка. Кои земји нудат најбрз пат до пасош?

Во последната деценија, бројот на странци кои добиваат државјанство во Европската Унија значително порасна. Според податоци на Евростат, од 762.000 издадени пасоши во 2014 година, бројката достигнала околу 1,2 милиони во 2024година што е раст од 54%.

Најголем дел од новите граѓани (околу 88%) се државјани од земји надвор од ЕУ, што покажува дека миграцијата останува клучен фактор во демографските и економските политики на Унијата.

Кои земји даваат најмногу државјанства?

По вкупен број, убедливо води Германија со речиси 300.000 нови државјанства во 2024 година – околу една четвртина од сите во ЕУ. Следуваат Шпанија со околу 250.000 и Италија со околу 217.000.

Но, апсолутните бројки не ја даваат целосната слика.

Каде е најлесно да се добие пасош?

Ако се гледа стапката на натурализација (број на добиени државјанства во однос на бројот на странци), тогаш води Шведска со 7,5 државјанства на 100 странци. Зад неа се Италија (4,1), Шпанија и Холандија (3,9)

Најниски стапки имаат Литванија, Бугарија и Естонија.

Кои националности најчесто добиваат ЕУ пасош?

Во 2024 година, најголем број нови државјани биле од Сирија (над 110.000), Мароко (97.000), Албанија (48.000) и Турција (над 40.000)

Колку време треба за државјанство?

Нема единствено правило во ЕУ. Во просек, потребни се околу пет години престој, но разликите се значајни. Во Шпанија, најчесто 10 години, но само 2 години за граѓани од Латинска Америка. Во Шведска, 5 години, или 2 години за граѓани од нордиските земји. Во Полска околу 3 години со стабилен приход. Во Малта дури и 14 месеци, но со инвестиција од најмалку 600.000 евра

Во Германија условите се заострени потребни се најмалку 5 години престој, познавање на јазик и положен тест за државјанство.

Иако бројот на нови државјанства во ЕУ расте, патот до пасош значително варира од земја до земја. Додека некои држави нудат побрзи и пофлексибилни процедури, други воведуваат построги правила, што покажува дека прашањето за државјанство останува тесно поврзано со националните интереси и политики.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни