Работниот свет постојано се менува, а со тоа и навиките на вработените. Стапките на работа со скратено работно време значително варираат низ Европа, па како стојат земјите?
Иако повеќето луѓе работат полно работно време, делумното работно време станува сè почесто бидејќи вработените бараат поголема флексибилност и подобар баланс меѓу работата и приватниот живот. Бизнисите, пак, се склони кон ваков ангажман за да ги намалат трошоците и подобро да се приспособат на променливиот обем на работа.
Според Евростат, 17,1% од вработените во ЕУ работеле со скратено работно време во 2024 година. Агенцијата дефинира работник со скратено работно време како лице со помал број часови од споредливиот вработен со полно работно време на истото работно место.
ОЕЦД појаснува дека ова обично значи работа помалку од 30 часа неделно – и важи и за вработени и за самовработени.
Стапките низ Европа
Во 33 европски земји, стапката на работа со скратено работно време се движи од 1,5% во Бугарија до 40,5% во Швајцарија, додека Холандија е веднаш зад неа со 38,9%.
Високи стапки има и во Австрија и Германија, каде околу три од десет лица работат скратено.
На дното се Босна и Херцеговина, Романија, Хрватска, Словачка и Унгарија – сите со стапки под 5%.
Податоците покажуваат регионален образец: скратеното работно време е значително поретко во Балканот и Источна Европа отколку во Западна и Северна Европа.
Жени, млади и постари работници
„Жените, младите, постарите и лицата со намалена работна способност многу почесто сакаат скратено работно време. Затоа земјите со висока вработеност во овие групи имаат и повисоки стапки на скратена работа“, велат Раса Мијезиене и Сандра Крутулиене од Литванскиот центар за социјални науки.
Тие наведуваат дека Холандија во 2024 година имала највисока женска вработеност во ЕУ – 12,7 поени над просекот. Вработеноста кај младите била за 40 поени поголема, а кај постарите (60–64) за 15 поени над просекот.
„Во земјите каде овие групи се помалку активни, скратеното работно време естествено е поретко“, додаваат тие.
Во Бугарија, на пример, вработеноста кај младите е помалку од половина од просекот во ЕУ.
„Скратените работни места се почести во услужните сектори – трговија, здравство, образование и угостителство – каде потребите за персонал варираат во текот на денот или неделата“, велат истражувачките.
Услуги наспроти индустрија
Работодавачите користат скратени договори за флексибилност, намалување на трошоци и адаптација на побарувачката. На пример, мини-работните места во Германија создаваат голем број скратени позиции.
Според ИЛО (2023), услугите зафаќаат повеќе од 80% од вработеноста во Шведска, Холандија и Луксембург, но многу помалку во Југоисточна Европа (Бугарија, Романија) и Централна Европа (Полска, Словачка, Унгарија).
„Повеќето источни економии се повеќе индустриски ориентирани, каде полноработното време е норма“, додаваат тие.
Нивото на плати исто така игра улога. Во земјите со високи плати, скратеното работно време може да обезбеди доволен приход. Во земјите со ниски плати – не.
Затоа интересот и понудата на вакви работни места е многу понизок во Источна Европа.
Огромен родов јаз
Скратеното работно време е многу почесто кај жените (27,8%) отколку кај мажите (7,7%).
Во Швајцарија, Холандија и Австрија – повеќе од половина од жените работат скратено. Германија е многу блиску до тој процент.
Романија е единствената земја каде мажите имаат малку повисока стапка, а во Бугарија разлика речиси и да нема.
Истражувачите велат дека историските модели на женска работа силно го обликуваат овој тренд. Во Холандија, на пример, скратената работа се развила уште од 60-тите поради недостиг на работна сила, а подоцна станала механизм за жените да го комбинираат домaќинството со платена работа.
Други фактори што влијаат се културните норми, застојот во платите, недостигот од инфраструктура (како градинки), како и се поголемата флексибилизација на трудовото законодавство во земји како Германија.
