Search

„Кои сме ние“ – Со уметност против дискриминација на Ромите

„Ако може вештачка интелигенција да се заинтригира да понуди точни информации за Ромите, тогаш време ли е се уште да зборуваме за дискриминација“, вели Кенан Таир додека ја шета екипата на Трн низ поставките од изложбата „Кои сме ние“.

Со оваа прва и единствена изложба со едукативен карактер Институтот „Ромалитико“ сака да ја доближи ромската традиција, историја и култура до сите чинители во општеството. Фокусот на изложбата е ставен на 12 портрети од истакнати Роми на светско ниво. Нивните животни достигнувања треба да бидат приказ за еднаквоста на сите, но и инспирација за борба на Ромите во општеството, преку професионално развивање и надоградување.

„Чарли Чаплин, Елвис Присли, Џин Рајнхард, Алба Флорест, Есма Теодосиевска Реџепова се само дел од луѓето чии портрети ќе ве замислат дали доволно вложуваме во себе, но и зошто да постои дискриминација кога на полето на успехот нашиот етникум, вера, религија, нација не игра улога“, додава Таир додека со прст ја следи трасата на мапата каде се движеле Ромите, низ текот на вековите.

И додека погледот ви лута низ лепезата од фотографии, графички прикази и мапи, Кенан ненаметливо ви кажуваа неофицијалните бројки за популацијата на Ромите. Па така во Турција нивниот број е над пет милиони, додека во завојуваната Украина се најмалку, нешто околу 400 илјади.

Таир посочува дека организирањето на вакви настани, како оваа изложба се главен борец против сите предрасуди. Преку зближување и запознавање да се надминат бариерите.

„Ние можеме да правиме истражувања, изложби и што ли уште не, но ако го нема интересот од другата страна се би било залудно. Ако некогаш многу работи се базираа на општи шпекулации, сега е време да „нурнеме“ во морето на фактите со помош на технологијата. Кога сите би ги проучувале културните вредности на останатите тогаш светот ќе биде едно многу поубаво место“, вели Кенан Таир, додека не води кон последниот дел од изложбата. Таму не пречека цитат од славниот Чаплин:

„Никогаш нема да го најдеш виножитото ако гледаш надолу“.

Инаку изложбата „Кои сме ние“, организирана по повод осми април – Светски ден на Ромите, ќе биде отворена за јавноста до седми мај, во Т.Ц Ист Гејт Мол – Скопје.

Фотограф: Ангел Ангеловски

Најново

Последни колумни