Убавиот ракопис, уште познат и како краснопис, е секогаш почитуван и пофален од страна на оној кој го чита напишаното. Сите наставници се стремат кон тоа да ученикот научи да пишува убаво, односно да усвои убав ракопис. Од друга страна, речиси и сите родители бараат од своето дете да пишува разбирливо, брзо и краснописно. Но некои од децата пишуваат со убав ракопис, некои со лош ракопис, а други имаат тешкотии во пишувањето.
Наставниците и родителите треба да имаат големо трпение и разбирање за учениците и за нивните деца, затоа што лошиот ракопис не е нешто кое децата намерно го прават и нешто врз кое секогаш имаат контрола. Зад лошиот ракопис секогаш стои одредена причина, која не секогаш е позната, па затоа не треба да ги осудуваме децата, да ги критикуваме и да ги обесхрабруваме.
Постојат голем број причини кои доведуваат до лош ракопис. Некои од нив се променливи, но некои од нив претставуваат вистински проблем кој претставува патологија во вербалната и невербалната комуникација, и за кој треба стручна помош.
Најчестите причини кои доведуваат до лош ракопис:
Неорганизирана фина моторика – под фина моторика ги подразбираме сите оние ситни, прецизни движења на прстите, односно тоа се оние движења кои ни служат правилно да држиме молив, да фатиме ситни предмети со два прст (палец и показалец) и слично. Кога фината моторика не е доволно организирана, истата директно влијае врз графомоториката, што е најчестата причина за лош ракопис.
Запоставеност е една од причините за лош ракопис кај децата. Недоволното посветување внимание на родителите кон нивните деца и кон образовниот процес на нивните деца, е една од причините што доведува до недостаток на стимулација кај децата за правилно и убаво пишување. Тука би ја спомнале и прекумерната изложеност на децата на модерна технологија (телефони, таблети, компјутери…), која влијае врз неактивноста на фината моторика и графомоторика кај децата.
Невро-психолошки фактори – голем број студии укажуваат на тоа дека некои невролошки и психолошки фактори имаат влијание врз појавата на лошиот ракопис. Тука би ги споменале: невролошката созреаност, емоционалниот статус, недостатокот на концентрација, фокус и внимание, лошо помнење и лоша меморија, умор, лошо планирање на мислата и друго.
Растројства на способноста за пишување – претставуваат сериозни тешкотии за детето за кои е потребна навремена и стручна помош. Растројствата на способноста за пишување најчесто ги следат состојбите дислексија, фонолошки нарушувања, развојна дисфазија… и голем број други состојби за кои е потребна стручна помош. Растројството на способноста за пишување уште е познато и како дисграфија.
Оттаму, можеме да кажеме дека лошиот ракопис е честа појава кај учениците од сите возрасти, од каде е важно да се направи разлика, кога станува збор за дисграфија, односно нарушување на пишувањето, а кога само за лош ракопис. Притоа, во секој момент е важно да бидеме поддршка на нашите деца, а оној момент кога веќе има некој проблем, навремено да побараме стручна помош.