Одамна ни е познато дека морската вода богата со сол, како и воздухот покрај море, на многу начини поволно делуваат на здравјето. Капењето во морска вода, солените сауни и употребата на морска сол во готвењето одамна се дел од човечката култура. Познати се и ефектите на морската средина врз кожата во одредени услови. Во секој случај, добро е да знаете како морската сол влијае на вашата кожа, пишува веб-страницата Метрополитен, која ги сумираше резултатите од истражувањето.
Секогаш имајте на ум две работи: морската вода мора да биде чиста и не е погодна за сите типови кожа. Затоа, добро е да ја проверите реакцијата на мал дел од телото пред да запливате во море, пишува Well and Good.
Подобрување на симптомите на егзема: Егземата е вообичаено алергиско воспаление на кожата кое се манифестира како испукана или сува кожа, а понекогаш како оток. Студијата од 2016 година покажа дека морската вода може да има позитивно влијание и на кожата погодена од егзема. Добрите ефекти доаѓаат од минералите со кои е збогатена морската вода, како калциум, магнезиум, калиум, цинк, селен, хром… Капењето во морска вода на тој начин може да влијае на подобрување на симптомите. Главен услов е, се разбира, морето да е чисто.
Ублажување на други алергиски реакции: Морската вода го намалува присуството на имуноглобулин Е, кој предизвикува алергиски реакции, а исто така ја успорува или запира реакцијата на кожата на одредени други супстанции кои предизвикуваат алергии.
Помош со псоријаза: Лекарите често препорачуваат натопување во морска вода или вода со зголемена количина на морска сол за да помогне во ублажување на симптомите на псоријаза. Според истражувањата подолгото пливање во море може значително да ги намали или целосно да ги острани симптомите на псоријаза. Нагласено е, сепак, дека тоа не значи дека трајно ќе се ослободите од псоријазата, бидејќи тоа е хронично заболување. Иако сè уште не е јасно зошто морската вода ја ублажува псоријазата, истражувачите претпоставуваат дека ги проширува крвните садови, ослободува β-ендорфини и енкефалини кои помагаат да се потисне болката или помага во отстранувањето на бактериите од површината на кожата.
Природен пилинг: Морската вода може да делува како пилинг за целото тело, отстранувајќи ги мртвите клетки од горниот слој на кожата. На тој начин се спречува нивното насобирање, што инаку доведува до појава на акни и митесери.
Извор: Vecernji