
Прв бран: 1848 – 1920
Првото организирано движење за женски права во САД официјално започна во јули 1848 година, со конвенцијата во Сенека Фолс, Њујорк, организирана од Елизабет Кејди Стентон и Лукреција Мот. Присутните ја потпишаа Декларацијата на чувства, во која се потврдува еднаквоста меѓу жените и мажите, и се усвоија повеќе резолуции, меѓу кои и повикот за право на глас на жените.
Иако раниот женски активизам бил тесно поврзан со аболиционизмот, усвојувањето на 15-от амандман во 1870 година – кој им го признава правото на глас на Афроамериканските мажи – предизвика незадоволство кај некои лидери за правата на жените, кои негодуваа што белите жени останаа исклучени. Притоа, многу феминистички организации го маргинализираа учеството на црни жени како Соџурнер Трут и Ајда Б. Велс. Ратификацијата на 19-от амандман во 1920 година претставува клучна победа – обезбедувајќи го правото на глас за белите жени – но жените од расно и етнички маргинализирани заедници продолжија да се соочуваат со пречки сè до донесувањето на Законот за право на глас во 1965 година.

Втор бран: 1963 – 1980
Во 1963 година, Бети Фридан ја објави книгата “Женската мистика”, во која го постави прашањето за ограничените улоги на жените како сопруги и мајки. Книгата се продаде во над 1,4 милиони примероци за три години и го означи почетокот на вториот бран на феминизмот. Охрабрени од движењето за граѓански права и протестите против Виетнамската војна, феминистките од овој бран се залагаа за преиспитување на традиционалните родови улоги и за елиминирање на сексистичката дискриминација.

Во 1970-тите, феминизмот станува значајна политичка сила. Фридан, Глорија Стајнем, Бела Абзуг и други го основаат Националниот политички кокус на жените во 1971 година. Клучни достигнувања од овој период се: Законот за еднаква плата, и важни одлуки на Врховниот суд, како Гризволд против Конектикат (1965) и Роу против Вејд (1973), поврзани со репродуктивната слобода. И покрај тоа што Конгресот го усвои Амандманот за еднакви права во 1972 година, неговата ратификација беше блокирана од конзервативни сили.
Слично на првиот бран, вториот беше критикуван поради својата фокусираност на искуствата на белите, среднокласни жени. Како реакција, црни феминистки формираа сопствени организации, како Националната црнечка феминистичка организација (NBFO). До 1980-тите, движењето почнува да губи замав, особено со доаѓањето на конзервативната ера предводена од Роналд Реган.
Трет бран: 1990-ти –
Иако вториот бран донесе значаен напредок, проблемите како сексуалното вознемирување на работното место и недостигот на жени на лидерски позиции останаа актуелни. Во 1992 година, Ребека Вокер – ќерка на феминистката Алис Вокер – го најави почетокот на „третиот бран“ додека го следеше сведочењето на Анита Хил против кандидатот за Врховен суд, Кларенс Томас, поради сексуално вознемирување. Истата година беше прогласена за „Година на жената“, поради рекорден број жени избрани во Конгресот.

Третиот бран прифати бунтовнички дух, инсистирајќи на право на индивидуално изразување, сексуална слобода и самоопределување. Некои жени дури го отфрлија терминот „феминистка“, сакајќи да се дистанцираат од перцепциите за феминизмот од вториот бран. Музичкото движење „riot grrrl“ – со групи како Bikini Kill, Bratmobile и Heavens to Betsy – ги внесе феминистичките пораки во популарната култура, обработувајќи теми како сексизам, насилство, расизам и патријархат.
Овој бран се стремеше кон поголема инклузивност по однос на раса и пол. Концептот на интерсекционалност, развиен од Кимберле Креншо, беше клучен – истакнувајќи како различните форми на угнетување се испреплетуваат. Влијание имаше и теоријата на родовиот идентитет на Џудит Батлер, особено во поддршката за транс права.
Четврти бран: Од 2010-тите до денес
Феминизмот од четвртиот бран е потешко да се дефинира, бидејќи некои го гледаат како продолжение на третиот. Сепак, појавата на интернетот и социјалните медиуми создаде нова форма на дигитален активизам. Движењето #MeToo, започнато од Тарана Бурк во 2007 година, доби глобално внимание во 2017 година по откритијата за сексуалното злоставување на филмскиот продуцент Харви Вајнштајн.

Овој бран не само што повикува моќни мажи на одговорност, туку се фокусира и на демонтирање на системите што го овозможуваат ваквото однесување. Како и претходните бранови, и четвртиот се занимава со интерсекционалноста, настојувајќи да биде инклузивен и репрезентативен без оглед на сексуалната ориентација, расата, класата или родовиот идентитет.
Извор: History