Кои професии ќе бидат најбарани до 2030 година?

До крајот на оваа деценија ќе се отворат околу 170 милиони нови работни места ширум светот, но истовремено ќе исчезнат 92 милиони, што значи дека нето бројот на вработени ќе се зголеми за 78 милиони, покажува извештајот на Светскиот економски форум објавен на 8 јануари.

Според извештајот, технолошките промени, геополитичката фрагментација, економската неизвесност, демографските трендови и зелената транзиција, поединечно или во комбинација, ќе бидат меѓу главните фактори што ќе го обликуваат или трансформираат глобалниот пазар на трудот до 2030 година.

Најголем раст во клучната област

Извештајот на Форумот за иднината на работните места за 2025 година покажа дека побарувачката водена од технолошкиот напредок, како што е вештачката интелигенција, брзо расте, но најголем раст, гледано во апсолутни бројки, се очекува во секторот на земјоделството.

До крајот на деценијата, трендовите на зелената транзиција, вклучително и напорите за намалување на емисиите на јаглерод и приспособување на климатските кризи, ќе придонесат за зголемување на работните места во земјоделството за 34 милиони. Во овој сектор моментално работат околу 200 милиони луѓе.

Покрај тоа, ширењето на дигитализацијата и растечките трошоци за живот дополнително ќе го зголемат бројот на вработени во земјоделството.

Меѓу првите пет професии со најголем раст на вработеноста до 2030 година ќе бидат:

  • Возачи за испорака
  • Софтверски програмери
  • Градежни работници
  • Продавачи во продавници

Значителен раст се очекува и во прехранбената индустрија и секторот за нега, особено поради демографските трендови и стареењето на населението.

Пад на одредени професии

Истовремено, се предвидува пад во бројот на професии како:

  • Касиери и продавачи на билети
  • Административни службеници
  • Чистачи
  • Сметководители и ревизори

Нови вештини за иднината

Извештајот нагласува дека фокусот на континуирано учење, усовршување и преквалификација им овозможил на компаниите подобро да ги предвидат и управуваат идните потреби за вештини.

Технолошките вештини ќе станат уште позначајни во следните пет години. На врвот на листата се:

  • Вештачка интелигенција
  • Сајбер безбедност
  • Технолошка писменост

Исто така, на значење добиваат и:

  • Креативното размислување
  • Отпорноста и флексибилноста
  • Љубопитноста и доживотното учење

Ова истражување на Светскиот економски форум е спроведено со повеќе од 1.000 најголеми работодавачи во светот, кои претставуваат 22 индустриски сектори и вработуваат над 14 милиони луѓе.

Истражувањето беше објавено во пресрет на традиционалниот годишен собир на Форумот во Давос, кој ќе се одржи од 20 до 24 јануари.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни