Во Европа, мнозинството држави го практикуваат принципот jus sanguinis – според кој му се дава државјанство на детето ако еден или двајцата родители се од таа националност.
Ниту една земја во ЕУ не дава автоматско и безусловно државјанство на деца родени таму од странски родители, според брифингот на Европскиот парламент.
Некои земји имаат форма на jus soli, но тоа е условено – најчесто родителите да живееле во земјата одредено време пред да се роди детето. Европските земји кои имаат такви правила ги вклучуваат Белгија, Германија, Ирска, Португалија и Велика Британија.

Некои држави, пак, практикуваат double jus soli – ова е кога децата родени во една земја од странски државјани можат да добијат државјанство при раѓање, ако барем еден од нивните родители е исто така роден во земјата. На овој начин децата автоматски добиваат државјанство во Франција, Луксембург, Холандија, Португалија и во Шпанија. Белгија и Грција исто така имаат двојно jus soli, но со одредени услови.
Во некои случаи jus soli („право на почвата“) во Европа е ограничен со забраната за двојно државјанство, како на пример во Шпанија. Таму, децата на странски државјани на овој начин можат да добијат државјанство само ако се откажат од кое било друго странско државјанство стекнато при раѓање, се вели во брифингот на Европскиот парламент.

Во меѓувреме, новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба според која се укинува правото на државјанство со раѓање на детето во САД. Но американскиот окружен судија Џон Кофенур за Западниот округ Вашингтон привремено ја блокираше оваа наредба на Трамп, нарекувајќи го „еклатантно неуставно“, на што претседателот возврати дека ќе се жали на одлуката, отворајќи го патот за долга судска битка.
Родното државјанство е во сила со децении во САД и се однесува на деца родени од жени коишто во земјата престојуваат илегално, или се таму со туристичка или студентска виза, а планираат да се вратат дома.