Кои држави, освен Русија, имаат замрзнат имот во Европската Унија?

ЕУ има замрзнат имот од најмалку 31 држава, најчесто поврзан со санкции, човекови права и безбедносни ризици

Европската Унија има замрзнат имот во вредност од стотици милијарди евра, поврзан со најмалку 31 држава, покажуваат податоците на Европската комисија и меѓународните медиуми. Иако Русија е најпознатиот и финансиски најобемен случај, замрзнатиот имот во ЕУ не се однесува исклучиво на Москва, туку и на низа други земји опфатени со санкциски режими.

Прашањето за замрзнатиот имот повторно излезе во фокус откако лидерите на ЕУ рано во петокот постигнаа договор да не го користат замрзнатиот руски имот за директно финансирање на одбраната на Украина. Наместо тоа, беше договорено обезбедување 90 милијарди евра преку бескаматен заем, кој ќе го поддржат 23 од 27 земји членки. Унгарија, Словачка и Чешка добија изземање за да се овозможи усвојување на договорот, по повеќемесечни преговори, пренесува Al Jazeera.

Според проценките, Украина ќе има потреба од дополнителни 136 милијарди евра во наредните две години за да избегне финансиски колапс, што ја поттикна Европската комисија да предложи користење на дел од замрзнатиот имот на Руската централна банка што се наоѓа во ЕУ.

Рускиот замрзнат имот и отпорот во ЕУ

Повеќе од 289,5 милијарди евра руски имот се замрзнати од западните земји од почетокот на руската инвазија врз Украина во 2022 година. Од таа сума, Европската Унија држи околу 209 милијарди евра, а најголемиот дел се наоѓа во Белгија, каде што се концентрирани околу 180 милијарди евра преку финансиската инфраструктура Euroclear.

Белгискиот премиер побара „цврсти правни гаранции“ пред каква било одлука за користење на овој имот, предупредувајќи дека Белгија може да се соочи со милијардски тужби доколку Русија покрене правни постапки против Euroclear.

Кои држави држат замрзнат руски имот?

Според достапните податоци, распределбата изгледа вака:

  • Белгија – 180 милијарди евра
  • Јапонија – 28 милијарди евра
  • Обединетото Кралство – 27 милијарди евра
  • Франција – 19 милијарди евра
  • Канада – 15,1 милијарди евра
  • Луксембург – 10 милијарди евра
  • Швајцарија – 6,2 милијарди евра
  • САД – 4,3 милијарди евра

Кои други држави имаат замрзнат имот во ЕУ?

Иако рускиот случај е специфичен – бидејќи се работи за суверен имот на централна банка – ЕУ има воведено замрзнување на имот и кон други држави, најчесто насочено кон државни функционери, олигарси или државни компании, а не кон целокупни национални резерви.

Според Европската комисија, замрзнат имот и забрана за располагање со средства се воведени кон најмалку 31 држава, дел по линии на санкции на ОН, а дел со директни одлуки на ЕУ.

Меѓу најзначајните примери се Венецуела од 2017 година, поради уривање на демократските институции и сериозни кршења на човековите права под режимот на Николас Мадуро. Санкциите се продолжени до јануари 2027 година, како и Сирија од 2013 година, поради репресијата и кршењата на човековите права под режимот на Башар ал-Асад. Иако дел од санкциите беа суспендирани по политичките промени во 2024 година, замрзнатиот имот на поранешниот режим останува.

    Паралелни режими: Велика Британија и САД

    Обединето Кралство преку својата Канцеларија за финансиски санкции (OFSI) има замрзнат имот на поединци и ентитети од 22 држави, во голема мера усогласени со листите на ЕУ.

    Соединети Американски Држави применуваат замрзнување преку списокот SDN (Specially Designated Nationals). Според OFAC, САД речиси целосно имаат замрзнат имот на владите на Куба, Иран, Северна Кореја и Русија, додека санкциите кон Сирија беа укинати во јуни со извршна одлука на претседателот Доналд Трамп.

    Замрзнатиот имот како геополитичка алатка

    Сè почесто, замрзнатиот имот се користи како инструмент на надворешна политика и притисок, но неговото користење отвора сложени правни, финансиски и безбедносни дилеми. Случајот со Русија јасно покажува дека границата меѓу санкции и директно вмешување во конфликт останува политички и правно чувствителна.

    е-Трн да боцка во твојот инбокс

    Последни колумни