Кога воздухот што го дишеме станува опасен за живот

Иако во јавноста постои перцепција дека дрвата се природни материјали и нивното согорување нема негативен ефект на околината и здравјето на луѓето, анализите покажуваат дека чадот од дрвата е канцероген. Истражувањата покажуваат дека изложеноста на чадот од согорување на дрва може да ја зголеми опасноста од развој на различни видови рак, како што се рак на белите дробови и рак на уринарниот тракт.

Македонија продолжува да се соочува со еден од најголемите еколошки проблеми на Балканот – загадениот воздух. Градовите во земјaва, особено Скопје, се меѓу најзагадените во Европа, со концентрации на прашина, азотен диоксид и други токсични материи кои значително ја надминуваат дозволената граница според стандардите на Европската унија. Според последните податоци од Светската здравствена организација (СЗО) и Институтот за јавно здравје во Македонија, загадениот воздух има сериозни последици по здравјето на населението, а особено го погодуваат ранливите групи како деца, старци и луѓе со хронични заболувања.

Нашите главни градови се меѓу најзагадените градови од аспект на квалитет на воздухот во Европа. Западен Балкан е меѓу најзагадените региони од аспект на квалитетот на воздухот во Европа, вели проф. д-р Дејан Мираковски, раководотел на лабораторијата Амбикон при Универзитетот Гоце Делчев од Штип.

Во рамки на Проектот за справување со аерозагадувањето во пет општини кој што е имплементиран од Програмата за развој на ОН (UNDP) и финансиран од Амбасадата на Шведска, на кој му претходеше и Проектот за справување со аерозагадувањето во град Скопје, односно во населбата Ново Лисиче, целта беше да се детектираат изворите на аерозагадување.

-Од тоа што го добивме со мерењата, утврдивме дека домовите се главен извор на емисија и согурувањето на биомаса и на други цврсти горива. Ако овие емисии ги намалиме, ќе ја намалиме и изложеноста на луѓето на тие опасни честички и тоа е правецот во кој Европа работи. Ние од аспект на согорување на цврсти горива сме веројатно и полоши од европските градови, бидејќи кај нас поголем дел од домаќинствата ги користат овие горива, така што мислам дека час поскоро треба да почнеме да работиме на намалување на овој извор на загадување, вели професор Мираковски.

Иако во јавноста постои перцепција дека дрвата се природни материјали и нивното согорување нема негативен ефект на околината и здравјето на луѓето, анализите покажуваат дека чадот од дрвата е канцероген. Тој содржи бројни штетни супстанци и токсични хемикалии кои се познати канцерогени агенси. Истражувањата покажуваат дека изложеноста на чадот од согорување на дрва може да ја зголеми опасноста од развој на различни видови рак, како што се рак на белите дробови и рак на уринарниот тракт. Меѓународната агенција за истражување на рак (IARC), која е организацијата на Светската здравствена организација (СЗО) ја класифицираше изложеноста на чадот од согорување на биомаса, вклучувајќи го чадот од дрва, како канцерогено за луѓето (Група 1). Оваа класификација означува дека има доволно научни докази кои потврдуваат дека чадот од согорување на дрва предизвикува рак. Исто така, Светската здравствена организација (СЗО) во нивните извештаи наведува дека изворите на аеросоли од биомаса, вклучувајќи го и чадот од согорување на дрва, се главен извор на загадување на воздухот во многу земји, што е поврзано со зголемен број на случаи на респираторни и кардиоваскуларни заболувања, како и рак. Националниот институт за здравство (NIH) во САД исто така истакнува дека чадот од дрва содржи канцерогени материи, кои се познати како канцерогени за луѓето и го зголемуваат ризикот од развој на рак, особено рак на белите дробови.

Како чадот од дрва го зголемува ризикот од рак?

Ризикот од рак и други здравствени проблеми се зголемува со продолженото изложување на чадот од дрва, особено во затворени простории или во домаќинства кои често согоруваат дрва за греење. Долго изложување на високи концентрации на чад може да резултира во хронични респираторни болести, како што се хроничен бронхитис и емфизем, но и рак.

-Во чадот од дрвата има околу 24 супстанци детектирани како канцерогени, од кои три или четири се алфа канцерогени, односно се високо канцерогени супстанци и за жал доколку се комбинираат дрвата со отпадни материи или се согоруваат во стари ложишта, не само што се загадува надвор околината, туку ги загадуваме и домовите и концентрациите на загадувачки материи во домовите можат да бидат страшни. Едноставно замената или намалувањето на согорување на цврсти горива е императив доколку сакаме да видиме барем намалување на тие епизоди-вели професор Мираковски.

Податоците од Европската агенција за животна средина (EEA) покажуваат дека Скопје редовно се наоѓа меѓу најзагадените градови во Европа, со значително надминување на максимално дозволените нивоа на PM10 (прашина со пречник помал од 10 микрометри) и ПМ 2.5 честички. Во 2024 година, податоците покажуваат дека годишната просечна концентрација на PM10 во Скопје е над 70 микрограми по метар кубен, што е значително повеќе од дозволената граница според европските стандарди.

Иако проблемот е особено изразен во зимските месеци, кога се користат огревни материјали низ домаќинствата, градовите се загадени и лете, а последица на тоа се индустријата и сообраќајот кои продолжуваат да бидат главните извори на загадување, особено поради тоа што големиот број на возила користат нееколошки горива.

Анализа на Амбикон

-Да го разбиеме и митот дека градовите не се загадени само зимно време туку се загадени во текот на 12 месеци. Ние во овие студии во сите овие градови во текот на годината измеривме повисока од просечната дозволена дневна концентрација на ПМ 2,5 честичките. Иако европската директива е спуштена на 10 микрограми, ние сè уште се споредуваме кај нас со 25 микрограми годишен просек и за жал тој годишен просек се надминува и во летниот период.

Анализа на Амбикон

Последиците по здравјето

Загадениот воздух има сериозен и директен ефект врз здравјето на луѓето во Македонија. Според истражувањето на Институтот за јавно здравје, загадениот воздух е одговорен за значителен пораст на респираторните и кардиоваскуларните заболувања. Студиите покажува дека луѓето кои живеат во градовите со висока концентрација на загадувачи, имаат до 25% поголеми шанси да развијат хронични болести како астма, хроничен бронхитис и срцеви заболувања.

Светската здравствена организација наведува дека загадениот воздух е одговорен за смртта на над 5 милиони луѓе годишно, а во Македонија се проценува дека загадениот воздух придонесува за повеќе од 2.000 смртни случаи годишно. Најтешко погодени се децата и старите лица, бидејќи тие се повеќе подложни на респираторни инфекции и други здравствени компликации кои се поврзани со загадениот воздух.

Има ли решение?

Во земјава постои Националната стратегија за намалување на загадувањето во која иако се предвидени неколку клучни активности, спроведувањето на самата стратегија се соочува со предизвици поради недостаток на финансиски средства.

-Ако сакаме да го намалиме просекот на загадување, можеме да почнеме од летните периоди кога нема греење кое има голем удел во вкупното загадување. Тука се и мерките како забрана за палење на стрништата, да се собират тој отпад или пак редовно да се мијат улиците…Сето ова се едноставни мерки кои можат да дадат видиливи резултати за да се намали вкупното годишно загадување. За некои софистицирани мерки треба време или многу пари. Управувањето со отпад е нешто што може побрзо да се заврши. Подоброто управување со отпад, како што кажав, миењето на улици е нешто за што не ни требаат големи припреми, а сето тоа како и пренасочување на сообраќајот, забрана за движење на одредени места може да се направи многу побрзо и да даде ефикасни мерки за намалување на загадувањето во периодите кога не би требало да имаме високо загадување.

Македонија има сериозен проблем со загадувањето на воздухот, кој сериозно го загрозува здравјето на населението. За да се спречи понатамошната ескалација на оваа еколошка криза, потребни се брзи и ефективни мерки од страна на сите релевантни институции. Само со соработка на сите нивоа може да се обезбеди чист и здрав воздух за идните генерации.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни