Она што речиси сите ние кои некогаш сме работеле во медиумскиот простор кај нас сме го искусиле, е дека постои момент кога ќе сфатиш дека нападот нема врска со текстот кој стои зад нашето име. Нема ниту со фактите и аргументите. А најмалку со вистината. Нападот е насочен кон нас. Лично.
Ако си новинар ќе те напаѓаат заради тоа што си го напишал. Но ако си новинарка, тогаш правилата се менуваат. Не те напаѓаат само за тоа што си го напишала, туку за тоа што си жена која се осмелила да зборува јавно. И тоа е суштинската разлика што премногу долго ја игнорираме.
Во земјава 8 од 10 новинарки доживеале онлајн вознемирување. Во Србија, речиси секој втор напад врз новинар е насочен кон жена. Ова не се изолирани случаи, туку образец на однесување кој секогаш изгледа исто.
Маж новинар ќе го наречат платеник. Жена новинарка ќе ја пратат „во кујна“. Или уште полошо. Нејзиниот изглед ќе стане тема, нејзиното тело е аргумент, а нејзиниот пол e причина за напад. Секој има право да го оценува нејзиното тело. Премногу дебела или премногу слаба и исушена. Фрустрирана без деца, домаќинка (исто така фрустрирана) со премногу деца која „бега до дома“. Курва. Прекратка сукња, премногу високи потпетици, преголемо деколте, премногу шминка. Провокативна. И повторно курва. Кога е гласна е безобразна. Кога е елоквентна е дрска. Кога ја кажува вистината е вулгарна.
Кога Сашка Цветковска објавува истражување, коментарите не се само критика. Тие се повици на насилство. Вулгарни, координирани, масовни. Не затоа што некој не се согласува, туку затоа што некој сака да ја замолчи. Кога Ана Новаковиќ известува за судски случаи, се активираат ботови. Не за да дебатираат, туку за да ја дискредитираат.
И тогаш станува јасно: ова не е реакција. Ова е стратегија која има една цел, да ги оттурне новинарките од јавниот простор. Да ги заплаши. Да ги измори, да ги обесхрабри.
Најопасниот дел не се навредите и заканите. Најопасно е кога ќе се навикнеш и ќе почнеш да ги читаш коментарите без реакција. Кога ќе престанеш да пријавуваш и кога ќе си речеш: „Ова е дел од работата“.
Не, не е. И никогаш не треба да биде. Никаде во описот на работното место на новинар не пишува дека треба да трпи насилство. Уште помалку, сексуализирано насилство. Но токму тоа и понатаму ни се случува.
Во едно истражување, речиси три четвртини од новинарките велат дека вознемирувањето го прифаќаат како нормално. Тоа е точката каде што проблемот станува систем. Кога насилството станува нормално, тогаш слободата престанува да биде реална.
Проблемот и не е само во интернетот. Тој е само најгласниот одраз на нешто што постои многу подолго.
Кога министерот во владата на Србија, Братислав Гашиќ ќе каже „ги сакам новинарките кои лесно клекнуваат“, тоа не е лапсус. Тоа е (не)култура. Тоа е систем на вредности кој со години се гради и одржува. Од таблоиди, од политички говори, од наводни „шеги“ што никогаш не се само шеги и најмалку ни се смешни.
Онлајн ботовите не измислија ништо ново. Само го дигитализираа она што веќе постоеше во нашто општество. И додека законите постојат, од европски регулативи до национални механизми, нивната примена е селективна. Кога мета е функционер, системот реагира. Кога мета е новинарка, системот се двоуми.
А неказнивоста пак не е слабост. Таа денес е порака дека сето ова може да продолжи.
Но има една работа што не им успева. И покрај сите пристоци новинарките не замолчуваат.
„Зошто ние да се повлечеме?“, прашува Цветковска. И тоа е суштинското прашање -Зошто тие да победат?
Ова не е само приказна за новинарство. Ова е приказна за демократија. Затоа што кога жените се оттурнуваат од јавниот простор, не губат само тие. Губиме сите. Ги губиме приказни што нема да бидат раскажани, темите што нема да бидат отворени и губиме гласови што нема да бидат слушнати.
Промената како и за се друго во нашето општество нема да дојде сама. Ќе дојде кога институциите ќе почнат да реагираат и тоа не селективно, туку принципиелно. Кога политичарите ќе преземат одговорност, не декларативно, туку реално. И кога новинарките ќе продолжат да пишуваат, да зборуваат, да пријавуваат. Да бидат гласни.
До тогаш, ќе важи едно правило, а тоа е дека во овој регион, новинарството не е ризик, ама да бидеш жена новинар, и понатаму е.
