Венчавката на еден холандски пар беше поништена откако лицето што ја водеше церемонијата користеше говор генериран од ChatGPT кој беше наменет да биде хумористичен, но не ги исполнуваше законските барања, се вели во судската одлука.
Како резултат на тоа, бракот на двајцата Холанѓани беше избришан од Регистарот на венчани.
Имено, судијата утврди дека тие всушност не ја дале законски пропишаната заклетва за исполнување на брачните обврски, што е задолжително според холандскиот закон.
„Судот разбира дека датумот напишан во венчалниот лист е важен за мажот и жената, но не може да го занемари она што законот го пропишува“, се наведува во одлуката, пренесува Ројтерс.
Што всушност се случи?
Пар од холандскиот град Цволе сакаше порелаксирана и лична венчавка, па затоа побараа од пријател да ги венча. За да го подготви говорот, тој се обрати на алатката за вештачка интелигенција ChatGPT, која му помогна да состави неформални завети.
Сепак, во тој говор немаше јасна и експлицитна изјава за прифаќање на законските обврски што ги подразбира бракот.
Според судската одлука, лицето кое ја водеше церемонијата ги праша младенците дали ќе „продолжат да се поддржуваат, задеваат и прегрнуваат, дури и кога животот станува тежок“.
По нивната согласност, тие не беа прогласени за сопруг и сопруга, туку за „малку луд пар“, што подоцна стана еден од клучните детали во судската постапка.
Иако брачните другари побараа оригиналниот датум на свадбата да биде признаен како правно важечки, со образложение дека имаат јасна намера да се венчаат и дека датумот има посебно емоционално значење за нив, судот го отфрли тоа барање.
На крајот, судот заклучи дека изговорените завети не ги исполнуваат законските услови за важечки брачен завет.
