Велигденската трпеза е убавина сама за себе. Мирисот на печено јагне, редицата шарени јајца, чинијата со мезе, мимза салата, младо лукче и кромитче, колачите наредени еден до друг… Сето тоа е дел од еден од најрадосните денови во годината. Но токму таа радост, комбинирана со деновите на пост кои претходат, може да го доведе телото во состојба на вистински шок. И тоа е медицинска реалност.

Што се случува со телото после долг пост
За време на Велигденскиот пост, телото постепено се навикнува на поинаков режим на исхрана, помалку масти, помалку протеини, поедноставна храна. Дигестивниот систем го намалува лачењето на ензимите потребни за разградување на тешката храна. Желудникот работи на помал капацитет, а цревата го забавуваат темпото.
Кога по таков период одеднаш внесеш големи количини масна, протеинска и слатка храна — и тоа сè одеднаш, за еден оброк, телото едноставно не е подготвено.
Последиците, велат лекаритеможе да бидат: Нагло нарушување на варењето како надуеност, грчеви, тежина во стомакот, гадење и во поголеми случаи повраќање. Желудникот буквално не стигнува да го обработи она што сте му го дале.
Скок на шеќерот во крвта, ако по поститe нема доволно внес на јаглехидрати, а потоа одеднаш се јадат колачи, бела погача и слатки, нивото на гликоза нагло расте. Кај луѓе со предиспозиција за дијабет ова може да биде особено проблематично.

Зголемен холестерол и оптоварување на срцето. Печеното, мастите и жолчките од јајцата содржат наситени масти кои при претерана консумација го оптоваруваат кардиоваскуларниот систем. Особено кај постари лица или оние со висок крвен притисок, ова не треба да се потценува.
Оптоварување на црниот дроб и жолчката. Тој орган кој „молчи” додека сè е во ред, при прејадување со масна храна може да реагира со болки под десното ребро, гадење и горчина во устата. Кај луѓе со камења во жолчката, обилниот велигденски оброк може да провоцира криза.
Летаргија и тешкотии со спиење. Телото трошит огромна енергија за варење. После голем оброк, крвта оди кон дигестивниот систем, мозокот добива помалку кислород и резултатот е позната „велигденска дремка” која може да трае цел ден.
Јајцата — колку е доволно, а колку е премногу?
Јајцето е еден од најхранливите намирници, полно со протеини, витамини и есенцијални масни киселини. Но велигденската традиција понекогаш подразбира јадење по неколку јајца дневно, неколку дена по ред.
Според нутриционистите и препораките на Светската здравствена организација, здрави возрасни лица можат да јадат до едно до јајца дневно е сосема безбедно и препорачано. Лица со висок холестерол или срцеви заболувања, препорачливо е да не надминуваат три до четири јајца неделно, и тоа по совет со лекар. За деца, едно јајце дневно е повеќе од доволно.
За Велигден ако еден ден изедете 3–4 јајца, тоа нема да предизвика катастрофа кај здрава личност. Но ако тоа се повторува неколку дена по ред во комбинација со месо и масна храна, кумулативниот ефект врз холестеролот и варењето станува видлив.
Важно е да знаете дека жолчката е таа која го содржи холестеролот, а белката може да се јаде слободно.

Совети: Како да му помогнеш телото после велигденски „маратон”
Не јади сè одеднаш, направи помали, почести оброци наместо еден огромен. Желудникот ќе ти биде благодарен. Почни со супа или чорба, топлата течност го подготвува дигестивниот систем за потешкото јадење кое следи. Пиј вода, не сок и газирани пијалоци, алкохолот и газираните пијалоци ја успоруваат дигестијата и го иритираат желудникот. Прошетај после оброк, 20–30 минути лесна прошетка го забрзува метаболизмот и го намалува чувството на тежина.
Следниот ден јади лесна исхрана, супа од зеленчук, јогурт, овошје. Дај му простор на телото да се врати во ритам. Не прескокнувај оброци, некои мислат дека ако прескокнат доручек, „ќе имаат место” за ручекот. Всушност, тоа доведува до уште поголемо прејадување. Јади бавно, мозокот добива сигнал за ситост дури по 15–20 минути. Ако јадеш брзо, кога ќе го „чуеш” тој сигнал, веќе си прејал.
Велигден е за радост, семејство и трпеза. Но трпезата не мора да значи страдање после. Телото кое цели недели постело заслужува бережно враќање во нормала, не фрлање во длабока вода. Јадете со мерка. Уживајте без жалење. И запаметете и најубавото јајце е убаво само кога е едно, а не десет.