Кога утре не е ветено

Живееме со мисла дека ни е ветено утре. Опседнати сме со мислите за иднината  или страдаме од оние во минатото, а всушност го имаме само овој момент, овде и  сега. Не ни е ветено ни после, ни следната минута, и самите сме биле сведоци на многу ситуации каде буквално животот се сменил во секунда, или едноставно  згаснува. 

Фантазираме за нешта во иднината што најчесто ни ја загадуваат сегашноста со  незадоволство, затоа што нели, тогаш ќе биде подобро. А ќе биде подобро само ако нешто направиме за да биде подобро. Наместо тоа, најчесто сме во состојба на  чекање, некој друг или нешто само од себе да се случи.  

Не велам да не се сонува, напротив, тие големи соништа на едно мало дете ме  донесоа до таму каде што сум денес. А таму каде што сум денес, конечно е среќно  место, после 37 години. Не дека го хакнав животот и сега се ми се намести, туку  среќна сум што се разбудив денес, благослов е да се разбудиш денес.  Среќна сум што колку толку можам да дишам. Што имам функционално тело што  ми дава можност да си ги завршам сама работите. Среќна сум што гледам и  слушам па можам сама да си се извозам и да си попеам по пат до мојата омилена  винска продавница. Каква привилегија од живот!  

On the top of it, имаме топол дом, имаме храна, имаме пријатели. Имаме разни  можности за материјални и емоционални доживувања – и под емоционални не  мислам само на секс и љубов, туку на секоја емоција што нè прави живи. А сепак  како сератонинов никогаш да неможе да лачи до она ниво што сме си го  замислиле.  

Поголема вредност им даваме на работите што ги немаме, повеќе ги цениме  работите кога ќе ги изгубиме, најмалку живееме во исполнетост со она што го  имаме, овде и сега. Секогаш ни е потребно повеќе, но кога ќе ни биде доста? 

Е доста ќе ти биде кога универзумот ќе те смести во кревет, не мислам на удобен  кревет туку на болнички тотално неудобен кревет. А уште по доста ќе ти биде кога ќе те тресне од земја дијагноза што не е многу ветувачка и зборови кои никогаш не си помислил дека ќе ги чуеш. ‘Катарина, имаш уште волку години живот.’ 

Се смета дека болеста не е приказна со среќен крај. А што ако нејзината улога  воопшто не е да има крај, туку е само wake up call што те буди од автоматскиот  режим на постоење. Што ако во тоа будење се крие вистинска сила и слобода,  слобода да го живеам секој момент целосно и во своја сопствена вистина. Болеста не те прави посилен. Те соочува со кршливоста, со телото што има  граници и со времето што не се преговара. И токму таму, каде што сите идеи за  иднината пропаѓаат, останува само едно прашање: дали навистина си живеел или  само си поминувал низ деновите?  

Често, кога нешто ќе тргне наопаку, првото прашање е: ‘Зошто мене?’ или ‘Како  баш мене ми се случува ова?’ Верувај, постоев и во тие прашања долго време.  Улогата на жртва е најзаспаната и нај ниската вибрација на нашето постоење. Од таму се влегува во летаргична состојба на никакво прифаќање на себеси, никакво  освестување на сопствените избори и последиците од нив, напротив се и секој  друг ни е крив. Секако и кармата ни е крива а најчесто и ретрограден Меркур, во  моментов дури и Сатурн. 

Како мало дете што се правда пред родителот дека не ја скршило чашата, еднакво  и во возрасната верзија на дете крива е чашата што се нашла таму не сум крив јас  што сум ја ставил таму. 

Така, свесно или несвесно си се ставаме во ситуации па очекуваме некој друг да ја  превземе одговорноста или случајно во меѓувреме ако ни текна ќе пробуваме да ја  составуваме и лепиме чашава со очекување дека ќе функционира како да е нова. 

Се обидуваме да бараме магични решенија за брзо процесирање како да можеме да се договориме со емоцииве до кога ќе им дадеме да траат, па се туркаме во нови  почетоци што мислиме дека ќе ни се лекот, а всушност нема бегање од себеси.  Пресели се и на другата страна на светот, од вистината за себе неможеш да  избегаш. 

И не дека новата година магично ќе те претвори во ‘new me’ ако во свеста сè уште  си заглавен на точка А, удобно сместен во својот комфорт на не превземање  никаква одговорност, па не можеш односно не сакаш да мрднеш ни до точка Б. Да се разбереме, скролање на life coach рилови не е мрдање до точката Б. Работата на  себе е deep shit, а соочувањето со себе е next level deep shit, затоа е полесно и  најчесто сме експерти за туѓите животи. 

Се ни е јасно за другите, се имаме протумачено за нив и плус во право сме,  замисли. Па ќе им се помешаме во животите, ќе им кажуваме како треба а како не  треба па дури и си ја даваме слободата да се налутиме ако не се во согласност со  нашите мислења. Сериозно? Како да имаме диплома за туѓи животи.  А кога последен пат си седнал пред својот живот без изговори? Кој си ти? Кој си ти пред себе, не кој си ти во очите на другите. Во очите на другите не треба ни да ни биде тема за бавење.  

Дали си во мир со своето живеење? Дали постоиш во здрава околина? Што  направи за себе денес? Што смени на подобро?  

Можеби не е поентата да ги средуваме туѓите животи, туку конечно да застанеме  пред својот. Да престанеме да бегаме, да слушнеме што навистина ни зборува  телото, тишината, стравот. Бидејќи ако утрешниот ден не ни е ветен, тогаш  денешниот не е за одложување. Не за другите. Туку за себе.  

Сфатив колку малку ми треба за да бидам присутна, да ја чувствувам кршливоста,  да ја ценам секоја трепка од животот. Болеста ме учи да бидам тука, сега, без  оправдувања, без чекање на подобро време.  

Денес, тоа ми е повеќе од доволно. 

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни