Дали и вие во вратата на фрижидерот чувате колекција од полупразни шишиња кечап, сенф и мајонез? Не сте единствени.
Сосовите обично се трошат побавно од свежата храна, па со месеци – а понекогаш и со години – заземаат драгоцен простор. Познати се по долгиот рок на траење благодарение на високата киселост, која го спречува развојот на штетни микроорганизми. Но, тоа не значи дека се вечни.
Експертите за безбедност на храна објаснуваат колку долго различните сосови навистина може да траат пред и по отворањето, пренесува порталот Martha Stewart.
Што значи датумот „најдобро да се употреби до“?
Пред отворање, повеќето сосови можат да стојат во оставата околу една година. Точниот период секогаш е наведен на пакувањето. Сепак, овој датум означува кога квалитетот на производот почнува да опаѓа, а не кога станува небезбеден за консумирање, објаснува д-р Кимберли Бејкер.
Тоа значи дека сосот често може да се јаде и по тој датум, но бојата, вкусот и текстурата можеби нема да бидат на најдобро ниво.
Колку долго траат сосовите по отворањето?
Откако ќе се отвори, сосот секогаш треба да се чува во фрижидер. Колку долго ќе остане свеж зависи од видот на сосот, но и од температурата – фрижидерот треба да биде подесен на 4 °C или пониско за оптимална свежина.
Кечап
Откако ќе се отвори, кечапот е безбеден за консумирање околу шест месеци. Долгиот рок на траење се должи на високата киселост, која го отежнува развојот на патогени.
Сенф
Отворена тегла сенф во фрижидер може да трае и до една година. Причината е ниската содржина на шеќер, како и присуството на алил-изотиоцијанат, соединение кое му дава лут вкус и има природни антимикробни својства.
Мајонез
Ако е правилно чуван, отворен мајонез трае околу два месеци. Иако содржи киселина, тој е почувствителен од кечапот и сенфот.
Преливи за салата
Купечките преливи за салата во фрижидер траат од еден до три месеци, во зависност од киселоста. Помалку кисели, како кремастите преливи, пократок рок, кисели, како винегрет подолг рок
Домашен прелив трае околу три недели, а домашни кремасти преливи околу две недели.
Лут сос
Добра вест за љубителите на лута храна – отворен лут сос може да трае и до една година, главно поради оцетот. Ферментираните лути сосови можат да траат и значително подолго. Исклучок е домашниот лут сос, кој трае околу три месеци во фрижидер.
Како да препознаете дека сосот се расипал?
Иако сосовите траат долго, важно е да знаете кога веќе не се безбедни: кисел или „рибен“ мирис, појава на слуз, мувла на површината или во теглата. Во такви случаи, сосот веднаш треба да се фрли.
За да спречите контаминација, секогаш добро затворајте го капакот, користете чист прибор и избегнувајте контакт со сурово месо.
