На 30 март во КСП „Центар-Јадро“ ќе се одржи промоција на зборникот „Кога те нема, најприсутна си тогаш: Родот и сексуалноста помеѓу субверзија и дисциплина во македонската култура“, во уредништво на Славчо Димитров и Мања Величковска, во издание на Коалиција МАРГИНИ.
Промоцијата ќе биде со почеток во 20 часот, во КСП „Центар-Јадро“.
Станува збор за интердисциплинарно издание што истражува како родот и сексуалноста се појавуваат, се премолчуваат, но и пробиваат низ македонската култура – од народното творештво и етнографијата, преку книжевноста, до визуелните и изведувачките уметности, филмот и популарната култура.
Зборникот обединува нови истражувачки текстови напишани специјално за ова издание, како и значајни студии и архивски материјали што повторно се враќаат во јавна и академска циркулација. За првпат се објавуваат трудови на Ана Мартиноска, Инес Црвенковска-Ристеска, Калина Малеска, Јованка Попова, Славица Србиновска и Душица Лазова.
Покрај овие текстови, изданието вклучува и избор од претходно објавени студии и архивски материјали од Маја Бојаџиевска, Лени Фрчкоска, Ана Ашталковска Гајтаноска, Елизабета Баковска, Славчо Димитров и Билјана Тануровска-Ќулавковски, Сашо Александар Ламбевски, како и архивска полемика приредена од Душица Димитровска Гајдоска.
На промоцијата, покрај уредниците, ќе говорат и дел од авторките чии текстови првпат се објавени во зборникот: Калина Малеска, Инес Црвенковска-Ристеска и Душица Лазова.
„Уредувањето на оваа книга е обид да создадеме текстуално тело што истовремено ќе ги држи и ‘високата’ теорија и ‘ниската’ култура, и архивираното и усното, и фолклорот и клупското, и романескното и поп-рефенот, и етнографската белешка и перформансот – како доказ. Со тоа, зборникот не ги опишува само механизмите на послушност, туку ги собира и трагите на субверзија и амбивалентни постоења кои не можат да се ситуираат никаде, примерите што пробиваат низ моралот, ги контаминираат воспоставените модели и случајно или намерно кажуваат повеќе од дозволеното. Нивна заедничка сила е што сега, низ ова нивно обединување, создаваат контраархива, кога јавниот простор и јазик се поларизираат, покажувајќи дека домашната култура отсекогаш била сложена, недовршена и полна со непослушни исклучоци“, велат уредниците Славчо Димитров и Мања Величковска.
Настанот е отворен за сите што сакаат да се вклучат во вечер посветена на критичкото читање на културата, телото, желбата и тишините што ги обликуваат културните наративи.