Кога природното го сметаме за неприродно имаме антиродова пропаганда

Многу е смешно и бизарно тврдењето дека кога зборуваме за род, родова еднаквост и родов идентитет наметнуваме „родова идеологија“. Зошто? Па затоа што со ова тврдење се цели да се укаже дека спротивно на „природното“, на што без исклучок се надоврзува и зборот „нормално“ или „од Бога дадено“, неколкумина сакаат да го наметнат своето мислење или светоглед, кој секојпат е погрешен и неморален. Така во јавноста се конструира мислењето дека се бранат непобитните факти, природата и здравиот разум, наспроти движењата за родова еднаквост и за права на ЛГБТИ луѓето кои сакаат на целото општество да му наметнат некаква си идеологија, во најмала рака опасна!

Ни на крај памет не ни паѓа – како општество – да го преиспитаме тврдењето дека во природата постојат само мажи и жени и ништо повеќе ниту тврдењето дека сите тие се хетеросексуални зашто само така може да опстане видот. „Едноставно и логично“. Но, за жал, вистината е многу посложена и ретко кој има време и волја да ја чуе и разбере. Многу е полесно да се прифатат лесни поедноставени одговори наместо да се одвојат време, ресурси и капацитети за правилно да се разберат родовата еднаквост, сексуалноста, родот и полот. Професионалци од различни полиња, како психолози, филозофи, социолози, правници, теоретичари, биолози, со години работиме, истражуваме, предлагаме политики во разни области и пишуваме трудови за да се разберат овие комплексни релации кои го дефинираат човековото искуство. Напроти цел овој корпус на теорија и практика од повеќе научни дисциплини, Советот на Ново Село, по предлог на градоначалникот Ѓорѓе Божинов одлучи кратко, јасно и едноставно: „Под жена се подразбира лице родено со женски биолошки пол, а под маж се подразбира лице родено со машки биолошки пол, без разлика на нивната самоидентификација“.  

Е, арно ама, вистината е дека ниту полот, сфатен како биолошки и физиолошки карактеристики коишто ја дефинираат единката како женско или машко, не е бинарен, а не, пак, родот. Токму природата ни покажува дека и полот е спектар. Она што е неприродно е токму бинарното дефинирање на полот од проста причина што е општествено конструирано! Според податоците од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство (УГАК), во Северна Македонија се раѓаат бебиња кои според половите органи, ткивото, хромозомскиот статус и слично може да се сместат на спектарот на интерсексуалноста. „Искуствата на нашата клиника (се мисли на УГАК) се најчесто поврзани со лицата со интерсексуалност, и тоа од специјалистите на Одделението за детска и адолесцентна гинекологија и ендокринологија, како и одделенијата за оперативна гинекологија. Ова искуство се однесува на дијагностицирање и третман на интерсексуалноста. Оперативни процедури кои се изведувале и изведуваат се за пациенти со интерсексуалност, псеудохермафродитизам или тестикуларна феминизација, или т.н. Androgen Insensitivity Syndrome (AIS). Од тие оперативни процедури, гонадектомијата лапароскопски или со отворен пристап е најчеста, па следи вагинопластиката.“ (1)

Интерсексуалноста не е болест, туку едноставен факт од природата. Но, нашето општество одлучило дека луѓето се делат на мажи и жени и на ништо повеќе, па на овие бебиња им ја наметнува оваа исклучувачка идеолошка позиција. Потоа, за да докаже дека овој светоглед е едниствениот точен и исправен, нашето општество оформува институции, образува кадар и одвојува финансиски средтсва за на интерсекс бебињата да може да се изведат хируршки зафати со кои ќе вкалапат во една од категориите – или маж или жена. Многу е јасно: перцепцијата дека постојат мажи и жени е општествена норма бидејќи така се договорило мнозинството што има моќ да воспоставува норми. Па, овие бебиња чие постоење неспорно го потврдува фактот дека верувањето дека постојат само мажи и жени е идеологија, а не природа, мора да се нормализираат според бинарниот светоглед. Изложувањето на интерсекс бебињата на хируршки интервенции за нормализација отвора бројни морални дилеми и прашања за повреда на човековите права. Дали е во ред да му се изведуваат медицински неоправдани хируршки интервенции на бебе кое не може да даде согласност? Дали на тој начин не се повредува неговата телесна автономија? Понатаму, дали и како се информира детето за ова подоцна во животот? Дали родителите имаат право да донесуваат вакви одлуки и да го нормализираат телото на бебето според својот светоглед?

Ништо од сето ова нас не нѐ интересира како општество. За оваа тема не разговараме! Важно е да направиме сѐ за востановените општествени норми да се заштитат, да се претстават како апсолутни вистини и да опстојат, макар биле на штета на децата и на нивните права. И замислете ја иронијата – интерсекс бебе, кое било нормализирано пред да прогледа, поповите и анти-родовите активисти ќе го „штитат“ од образовен систем кој ќе го учи дека да, и интерсекс луѓе постојат!  

Користењето на есенцијалистички аргументи, особено од животинскиот свет заради споредување на родовите односи и сексуалноста на животните со тие на човекот се банални бидејќи, од една страна, човечките општества се многу посложени и поразлични, а од друга, премногу антропоцентрично гледаме на овие релации во животнискиот свет низ призмата на родовите норми. Но, кога се наметнува мислењето дека транссескуалноста, трансродовоста и хомо(би)сексуалноста се неприродни, ајде да видиме што има во природата. Во животинскиот свет постои хомосексуалност и бисексуалност, многу почеста отколку што се претпоставува и тоа речиси кај сите животни – од птици, делфини и мајмуни до овци и лилјаци. Забележано е дека птици од ист пол се грижат за напуштено пиле (фламинга и пингвини), односно формираат „истополови семејства и посвојуваат деца“. Трансродовост или трансродово однесување се забележани кај повеќе видови змии, гуштери, инсекти, риби и птици. И тоа, слично како кај човекот, кај едни станува збор за целосна транзиција (повеќе видови риби), кај други само за присвојување на однесувања кои се типични за другиот пол (повеќе видови птици), а кај трети се менува дури и хормоналниот статус. Речиси кај сите видови животни се забележани интерсекс единки – од коњи и овци до ајкули, додека полжавите се главно интерсексуални.

Конечно, оние кои ја промовираат половата/родовата бинарност како дел од патријархалниот светоглед не го прават тоа поради неиформираност. Ниту се без сопствена агенда! Го прават бидејќи сакаат да ја спречат еманципацијата на жените и на ЛГБТИ луѓето, со што вредностите кај мнозинството од патријахални би се промениле во подемократски. И бидејќи најголеми губитници од ваквата општествена трансформација би биле токму оние кои имаат најголем бенефит од патријархатот – како МПЦ, ИЈЗ и останатите верски заедници. Верските заедници имаат поголема моќ во патријархални општества, додека во подемократските нивното влијание е маргинално. Секако, не заборавам ни на конзервативните политичари кои со години само гледаат да прибираат гласови, заплашувајќи го населението со еманципираните жени, ЛГБТИ луѓето, мигрантите, Албанците и останатите дежурни плашила и страшила додека непречено си располагаат со нашите пари како со сопствениот џеб.

Додека движењата за родова еднаквост и ЛГБТИ правата со години работат за да се променат патријархалните вредности и за да се демократизира и еманципира целото општество, верските заедници заедно со повеќе новоформирани и добро финансирани здруженија активно работат за да се задржи статус-квото и уште повеќе, да се вратиме во времето кога верските заедници и конзервативните мажи имаа уште повеќе моќ и пари.

(1) Податоци од ­„Анализа на здрвствените потреби на тран луѓето и достапноста на здравствените услуги во Република Македонија“, И. Раиден и Н.Бошкова, Коалиција Маргини 2016 г.

Авторката е членка на Управниот одбор на ХЕРА

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни