Осумдесет и еден процент од новинарките во Македонија пријавиле онлајн вознемирување. Броевите се познати, документирани, јавно достапни. И апсолутно ништо значајно не се менува околу тоа.
Минатата недела на Трн објавивме текст кој документира систематски притисок врз жените во медиумите во Македонија, во Србија, а истото може да се каже и за целиот Западен Балкан. Препорачувам да го прочитате. Не затоа што е наш, туку затоа што именува нешто за кое повеќето медиуми молчат.
Она за кое сакам да пишувам денес не е насилството само по себе. Тоа е нешто поопасно: начинот на кој тоа насилство стана невидливо и уште пострашно: стана нормализирано.
Нормализацијата не се случува преку ноќ. Таа се гради бавно, со децении, преку три засилувачи кои работат истовремено. Прво, таблоидите кои сексуализацијата ја претворија во новинарски жанр. Второ, политичарите кои го даваат тонот преку нивните изјави во јавноста со кои воведуваат наратив кој дозволува новинарка да биде таргетирана, наратив кој охрабрува стотици и илјадници нивни следбеници (а и организирани ботови) да се фатат за тастатура и да почнат да блујат омраза и отров, зачинето со токсичен мачизам и некое нео-конзервативно гледање на жената како битие од понизок тип, релативно дехуманизирано затоа што не е од машкиот род. Трето, и можеби најважно — тишината на институциите, кои ретко реагираат, а кога ќе го сторат тоа, го прават бавно, селективно и без последици за сторителите.
Резултатот е предвидлив. Кај 74 проценти од новинарките вознемирувањето едноставно се прифаќа како дел од работата. Не затоа што не боли. Туку затоа што системот ги убедил дека така е нормално.
Но тука е клучниот проблем со нормализацијата: таа не завршува со прифаќање туку со молк. Со приказни кои не се напишани, теми кои се избегнуваат, новинарки кои постепено се повлекуваат. Автоцензурата е најтивката последица: никој не известува дека одлучил да не напише нешто за да се поштеди од суровите коментари, малтретирањето и изложувањето на „линч“ на социјалните мрежи.
На Трн се обидуваме да именуваме нешта со вистинско име. Затоа ќе кажам директно: онлајн вознемирувањето на новинарките не е дел од занаетот, не е цена која се плаќа за јавна работа, не е нус-појава на дигиталното доба. Тоа е политички чин на замолкнување на оние кои пишуваат за она за кое некои кругови на моќта не сакаат да се зборува во јавноста. Средство за присила на дваесет и првиот век. И секогаш кога го третираме поинаку, стануваме дел од неговиот механизам.
Промената не почнува со закон. Почнува со именување.

