Со бендот СаутПарк, кој веќе две децении го носи духот на алтернативната македонска сцена, Светлана ја изгради својата приказна меѓу гаражните почетоци и концертните сцени исполнети со луѓе што навистина слушаат. Нивниот звук растеше и созреваше заедно со нив – интимен, топол и секогаш човечки.
Во разговорот со ТРН, Светлана зборува за инспирацијата зад новата песна „Можеби“ – едно од најискрените парчиња музика што ги создала, за чувството кога сцената станува продолжение на срцето, но и за мирот што го наоѓа во тишината. Таа не зборува за слава, туку за вистинска уметност, за потрагата по искреност во време кога вниманието често вреди повеќе од содржината.
„Можеби“ отвора едно ново поглавје во тој развој – нежно, но сепак длабоко потсетување дека уметноста не мора да вика за да биде слушната. СаутПарк остануваат верни на себе си, на љубовта кон создавањето и на оние мали вистини што ги врзуваат луѓето преку музика.

ТРН: Која е Светлана на сцената — а која зад неа? Кога светлата се гасат, дали си истата личност што ја гледаме пред микрофонот, или таму почнува друга приказна?
Светлана на сцената е експлозија од емоции. Моето срце е секогаш отворено и комплетно препуштено на музиката која се случува во мене и околу мене. Искрена сум секогаш. Благодарна, засекогаш. Верувам дека само така се може доколку ти е важно публиката да те почувствува и да ти поверува во она што го кажуваш.
Надвор од сцената е малку поинаква приказна. Јас сум се’ уште истата Светле, но кога сум не сум на сцена, емоциите многу често ги живеам во тишина. Немам потреба да бидам секаде, баш напротив…имам потреба да бидам опкружена само со најблиските кои ми даваат мир.
ТРН: Музиката ти е јазик, но што ти зборува тишината помеѓу две песни — како изгледа твојот креативен мир?
Мојот креативен мир го наоѓам во личниот простор кој ми овозможува да застанам, да земам здив и да размислам за се она што се случувало додека траел процесот на создавање. Потребно е малку да се смири душата, пред повторно да ме пронајде инспирацијата. Понекогаш тоа се денови, понекогаш месеци. Инспирацијата ја црпам од сопствените искуства, најчесто оние кои направиле голема разлика.

ТРН: Саутпарк отсекогаш звучат како група што не сака да се вклопи во шаблонот на нашата културна сцена. Како се развиваше вашиот звук низ годините – и дали „Можеби“ е дел од нова етапа за вас?
Саутпарк е сторија која трае веќе 21 година. Нашиот звук растеше и се развиваше паралелно со нашиот индивидуален раст како личности. Зрелоста сега, си носи поинаков музички сензибилитет за разлика од нашите почетоци, што е и очекувано. “Mожеби” e дефинитивно нова етапа за нас, вистинско освежување и за мене лично, едно од најискрените парчиња музика кои сум ги создала. Правец во кој дефинитивно сакам да се движиме.
ТРН: Во процесот на создавање на „Можеби“, што беше прво – текстот, музиката, или некоја лична приказна што потоа доби форма во песна?
Нашиот басист Виктор ја постави структурата (костурот) на песната, а потоа се придруживме и ние останатите. Кога ја слушнав за првпат, почувствував силна носталгија. Не успеав веднаш да препознаам што е тоа што толку ми недостига, но креативниот процес е токму тоа – да трагаш длабоко во себе се додека не дојдеш до вистината. Се’ што сакав во тој момент е да ја дознаам и да се ослободам. Така се роди текстот и мелодијата. Аранжманот го склопивме сите заедно.

ТРН: Од настапите што ги имате, има ли некој момент што никогаш нема да го заборавиш?
Прекрасни моменти има премногу, но како посебен момент би го издвоила нашиот 15ти роденден. Таа вечер сите луѓе на кои помислив беа присутни, и имав чувство дека сите 15 години постоење на бендот се споени во една вечер.
ТРН: Македонската сцена често знае да биде сурова кон независните артисти. Каде го гледаш местото на Саутпарк во таа приказна — и дали веруваш дека публиката сè повеќе бара автентичност?
Сите ние кои сме одлучиле да се занимаваме со ова, сакаме да бидеме забележани. Сакаме да бидеме слушнати со внимание. За жал, тоа станува се’ потешко, бидејќи и ние сме дел од новото време во кое провладува желбата да се привлече внимание по секоја цена, наспроти создавањето вистинска уметност.
ТРН: Со кого ти било најдраго да делиш сцена досега — и ако можеш да избираш, со кого би сакала да ја делиш?
Сум делела сцена со многу артисти, но секогаш најмногу уживам со “моите”: Виктор Николовски, Христијан Ристески и Благојче Пенов.
ТРН: И за крај – што следува после „Можеби“? Дали веќе подготвувате нов материјал или ќе оставите оваа песна малку да „дише“ со публиката пред следниот чекор?
Во моментов веќе работиме на нова песна. Со малку среќа и доволно труд, би требало да биде издадена во декември.