Кога молкот не е опција: Приказната на двете новинарки чиј умен збор се слуша

Во најголемата светска криза тие дадоа отказ и го основаа Умно.мк – медиум кој не брза да биде прв, туку се труди да биде точен. Сега слават 4 години независно, одговорно и храбро новинарство.

Во време кога светот беше парализиран од ковид, а медиумите се двоумеа меѓу сензационализам и молк, Сребра Ѓорѓијевска и Весна Ивановска Илиевска го направија спротивното. Додека многумина се држеа до удобноста на сигурните плати и туѓите уредувачки политики, тие дадоа отказ и го родија Umno.mk – медиум кој не вреска, туку зборува точно и тивко, со срце и совест.

Трн: Што беше клучниот момент кога одлучивте да го напуштите „сигурното” и да започнете нешто свое?

Сребра: Ми дојде преку глава моментот кога треба да се убедуваме што е добро, а што не. Тоа директно се косеше со нашиот вредносен систем. Не сакав веќе да работам во медиуми каде не се ценат содржините што заслужуваат внимание. За време на ковидот се виде јасно што фали во медиумите. Ние не сакавме да бидеме дел од таа слика.
Одлучивме да направиме нешто наше, каде што одлуките ќе ги носиме според нашите етички и професионални стандарди.

Сребра Ѓорѓијевска

Трн: Што претставува за вас „умно новинарство”?

Весна: Одговорно новинарство. Да се каже вистината и да се стои зад неа по секоја цена. Тоа е реткост во нашиве простори. Umno.mk не е сензационалистички, туку длабински медиум. Умно новинарство значи да не брзаш да бидеш прв, туку да бидеш точен. Да го провериш фактот. Да го почувствуваш човекот зад приказната. Да не се плашиш од тишина, но и да не молчиш кога треба да зборуваш.

Весна Ивановска Илиевска

Трн: Како изгледа вашата соработка во пракса?

Сребра: Имаме хоризонтална поставеност на работите. И двете сме подеднакво важни. Весна е редот и систематизацијата. Таа ја води документацијата и го одржува медиумот во баланс. Јас сум хаосот – одговарам за комуникации, партнерства, нови идеи. Многу природно си ги поделивме обврските според тоа кого за што го бива. И тоа функционира совршено. Немаме потреба од хиерархија, имаме доверба.

Трн: Како успевате да опстанете како независен медиум?

Сребра: Не постои еден начин. Пишуваме проекти, понекогаш ќе бидат одобрени, понекогаш одбиени. Не се откажуваме. Воведуваме нови содржини. „Умен поткаст” е наш новитет со кој добивме нова публика. Секој нов читател за нас е богатство. Воведовме и свои креативни честитки, македонски производ со млади дизајнери. Сметаме дека е умно да честиташ убав повод на кирилица.

Трн: Каква симболика има за вас Умно.мк?

Весна: За нас Умно е резултат на цел живот работа. Ова е финале со смисла. А многу луѓе не знаат дека Умно е акроним за уметност, наука и образование – токму темелите на она што го работиме.

Трн: Ако Умно беше човек, каков карактер би имал?

Весна: Издржлив. Упорен. Жена, пред сè. Затоа што го водат жени и мислам дека сме ендемски вид во медиумската сцена. Не дека нема новинарки, ама многу ретко се жени на раководни позиции. Исто така, ендемски вид се новинарите во културата. Останавме само десетина. Ако не го пренесеме нашето знаење на новите генерации, тоа ќе биде погубно за културата во општеството.

Трн: Дали интернет-содржините треба да се плаќаат?

Весна: Да. Весниците се продаваат секој ден по 30 денари, а интернет-содржините сè уште немаат цена. Тоа мора да се промени. Трудот има вредност и треба да се плати. Можеби е рано, но мора да почнеме да размислуваме во таа насока.

Умно.мк е пример дека се може кога не се плашиш да ги изгубиш лажните сигурности за да ја следиш вистинската смисла. Овие две жени се доказ дека новинарството со срце, разум и совест не само што е можно – туку е и неопходно.

Честитки за 4 години Умно.мк – четири години храброст, визија и умност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни