Кога луѓето ги засакале јаглехидратите?

Според една нова студија, потеклото на силната љубовна врска на современите луѓе со јаглехидратите можеби е постара од самиот човек.

Стереотипот на древните луѓе кои се гоштеваат со стек од мамут и други парчиња месо ја поттикна идејата за диета богата со протеини која е неопходна за развој на големиот мозок, пишува CNN.

Но, археолошките докази во последниве години го оспорија ова гледиште, сугерирајќи дека луѓето одамна развиле вкус за јаглехидрати и подготвувале храна со скроб. Ова го покажуваат анализите на бактериите сместени во забите.

Новото истражување, објавено во списанието Science во четвртокот, ги нуди првите докази дека раните диети исто така биле богати со јаглени хидрати.

Научниците ја следеле еволуцијата на генот кој им овозможува на луѓето полесно да го сварат скробот, разложувајќи го на едноставни шеќери кои нашите тела можат да ги користат за енергија.

Студијата покажа дека овие гени се дуплирале долго пред појавата на земјоделството.

Љубовта кон јаглехидратите можеби се родила уште пред хомо сапиенсот или неандерталците да се појават како посебен човечки вид.

Истражувачите од лабораторијата Џексон во Фармингтон, Конектикат и од Универзитетот во Бафало во државата Њујорк ги анализираа геномите на 68 антички луѓе.

Истражувачкиот тим се фокусираше на генот наречен AMY1, кој им овозможува на луѓето да идентификуваат и да започнат со разградување на сложените јаглехидрати како што е скробот во устата со производство на ензимот амилаза. Без амилаза, луѓето не би можеле да ја сварат храната како што се компирите, тестенините, оризот или лебот.

Луѓето денес имаат повеќе копии од овој ген, а бројот варира од личност до личност.

Сепак, на генетичарите им било тешко да разберат како и кога се зголемил бројот на овие гени – што е кога јадењето скроб веројатно станало корисно за здравјето на луѓето.

„Главното прашање на кое се обидувавме да одговориме беше кога се случи ова дуплирање? Затоа почнавме да ги проучуваме античките геноми“, рече првиот автор на студијата Фејза Јилмаз, соработник компјутерски научник во лабораторијата Џексон.

Тимот откри дека уште пред 45.000 години, ловците-собирачи – чиј начин на живот му претходеше на земјоделството – имаа во просек од четири до осум копии на AMY1, што сугерира дека хомо сапиенсот конзумирал скроб долго пред припитомувањето на културите да ги обликува човечката исхрана.

Истражувањето исто така покажа дека дуплирањето на гените постои во геномите на неандерталците и Денисовците, изумрени хоминини за прв пат откриени во 2010 година за кои се знае релативно малку.

Присуството на повеќе копии на генот во трите човечки видови сугерира дека тоа било особина што ја споделувал заедничкиот предок пред да се разделат различните видови, според студијата.

Откритието значи дека архаичните луѓе имале повеќе од една копија на AMY1 уште пред 800.000 години.

Не е јасно точно кога се случило првичното дуплирање на AMI1, но веројатно се случило случајно.

Присуството на повеќе од една копија создаде генетска можност што им даде предност на луѓето да се приспособат на новите диети, особено оние богати со скроб, бидејќи наидоа на различни средини.

Анализата, исто така, покажа дека бројот на копии на AMY1 што едно лице го носи нагло се зголемил во текот на изминатите 4.000 години – веројатно како што луѓето се приспособиле на исхрана богата со скроб, како резултат на промената од начинот на живот на ловци-собирачи кон земјоделство и одгледување житарки.

Студијата „даде убедливи докази“ за тоа како молекуларната машинерија за претворање на тешко сварливиот скроб во лесно достапни шеќери еволуирала кај луѓето, рече Тејлор Хермес, доцент на катедрата за антропологија на Универзитетот во Арканзас, кој не бил вклучен во истражувањето.

Уште повеќе, новото истражување ја поддржува теоријата дека јаглехидратите, а не протеините, ја обезбедуваат потребната енергија за зголемување на големината на човечкиот мозок со текот на времето, истакна тој.

„Авторите открија дека зголемениот број на копии на гени на амилаза, што резултира со поголема способност за разградување на скробот, можеби се појавил стотици илјади години пред неандерталците или Денисовците. Тие и даваат поголема заслуга на идејата дека скробот што се метаболизира во едноставни шеќери поттикна брз развој на мозокот за време на човечката еволуција“, рече Хермес.

Извор: Н1

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни