Кога и како правилно се користи вода за плакнење уста?

Иако многумина ја доживуваат како додаток за свеж здив, водата за плакнење уста има многу поважна улога во секојдневната орална хигиена, објаснуваат стоматолозите.

И покрај тоа што миењето заби и користењето забен конец се дел од секојдневната рутина кај повеќето луѓе, околу водата за плакнење уста сè уште постојат бројни дилеми – дали навистина е потребна и кога треба да се користи.

Оралната хигиена, слично како и негата на кожата, се состои од повеќе чекори, а водата за плакнење уста има позначајна улога отколку што често ѝ се припишува. Таа не служи само за освежување на здивот, туку е важен дел од целосното чистење на усната празнина.

Според стоматолозите, забите зафаќаат само околу една четвртина од усната празнина, додека останатиот дел го сочинуваат образите, јазикот, непцето и дното на устата – делови до кои четката и конецот честопати не допираат целосно. Токму тука водата за плакнење уста ја има својата вистинска функција, бидејќи помага да се исчисти целата уста, а не само забите.

Кога и како е најдобро да се користи вода за плакнење уста?

Водата за плакнење уста може да се користи секојдневно, а најдобар ефект има доколку се применува по користење забен конец и миење заби – наутро по појадокот и навечер пред спиење.

За едно плакнење доволни се околу 20 милилитри вода за плакнење уста. Со неантисептичка вода, устата треба да се плакне најмалку една минута, при што е важно течноста добро да се распредели низ целата усна празнина. Водите што содржат етерични масла можат да помогнат во намалување на насобирањето на забен плак, особено околу линијата на непцата.

Со антисептичките води за плакнење уста, експертите советуваат претпазливост, бидејќи тие не прават разлика меѓу „добрите“ и „лошите“ бактерии. Поради тоа, најчесто се препорачуваат само во специфични ситуации – како воспаление на непцата или по стоматолошки интервенции.

За водата за плакнење уста да го има посакуваниот ефект, се препорачува да се почека најмалку 30 минути пред јадење или пиење.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни