Кога институциите молчат, граѓаните блокираат: Повик на протест против „Усје“ утре во 18 часот

Од „Стоп за Усје“ потсетуваат дека, и покрај високите профити на цементарницата, над 5.600 луѓе годишно умираат предвреме поради загадениот воздух, нагласувајќи дека протестот е „последно предупредување“.

Иницијативата „Стоп за Усје“ под мотото „Дојди на блокада!“ повторно ги повика граѓаните на протест кој ќе се одржи утре, 21 јануари, од 18 часот, на раскрсницата на булеварите „Борис Трајковски“ и „Србија“, во правец кон цементарницата „Титан Усје“.

Од иницијативата велат дека нивните барања доставени до институциите на 29 декември останале без одговор, што го оценуваат како свесно игнорирање на јавното здравје и човековите права.

„Кога институциите молчат, граѓаните зборуваат. Кога нема одговори, има блокади. Немаме луксуз да чекаме додека се разболуваме и умираме“, порачуваат од „Стоп за Усје“.

Меѓу клучните барања се континуирано и јавно мерење на загадувањето преку мерна станица кај „Усје“, нејзина интеграција во апликациите за квалитет на воздухот, како и воведување на CEMS систем за постојан мониторинг на емисиите од оџаците на цементарницата.

Иницијативата бара и ревизија на критериумите за прогласување вонредна еко-состојба, со можност за целосен прекин на работата на „Усје“ и рудниците при надминување на граничните вредности и температурна инверзија. Дополнително, се бара усогласување на ПМ10, ПМ2,5 и NO₂ стандардите со препораките на СЗО, премин кон почисти енергенси и укинување на одредбата „деловна тајна“ во Законот за индустриски емисии.

Од „Стоп за Усје“ потсетуваат дека, и покрај високите профити на цементарницата, над 5.600 луѓе годишно умираат предвреме поради загадениот воздух, нагласувајќи дека протестот е „последно предупредување“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни