Кога грешката вреди милијарди: Случајни изуми без кои денес животот е незамислив

Од пеницилинот до пост-ит белешките – откритија што случајно настанале, но засекогаш го променија светот и нашиот секојдневен живот

Некогаш кога ќе погрешиме, си удираме глава од ѕид, но понекогаш – грешката навистина вреди милијарди. Иако велат дека среќата ги следи храбрите, очигледно е дека понекогаш ја следи и заборавните или несмасните. Многу од работите што денес ги користиме секојдневно и ги земаме здраво за готово – всушност се родиле од случајност. Еве неколку примери на такви изуми што го променија светот.

Пеницилин

Пред речиси еден век, во 1928 година, шкотскиот бактериолог Александер Флеминг – познат по својот неуреден лабораториски стил – се вратил од одмор и забележал нешто чудно. Во неговите Петри садови се развила мувла Penicillium Notatum која го запрела растот на бактериите стафилококи. Тоа откритие го доведе до создавање на пеницилинот, првиот антибиотик што спасил десетици милиони животи и засекогаш ја промени модерната медицина.

Микробранова печка

Денес ја има речиси секое домаќинство – за кокички, млеко или подгревање на храна. Но како почнало сето тоа?
Американскиот инженер Перси Спенсер, кој работел на производството на магнетрони за радар за време на Втората светска војна, забележал дека му се стопила чоколадата во џебот додека бил близу магнетронот. Почнал да експериментира со зрна пченка и вода, и така – сосема случајно – ја открил микробрановата печка, која првпат се појавила на пазарот во 1947 година.

Чипс

Овој популарен грицкаст изум настанал во 1853 година – и тоа од инает. Њујоршкиот готвач Џорџ Крам Спек добил поплака од гостин дека компирите му се пресечно дебели. Раздразнет, готвачот ги исекол исклучително тенко, ги испржил до крцкавост и ги посолил. Наместо негодување, гостинoт бил воодушевен – и така е роден чипсот

Post-it белешки

Како воопшто да се замисли канцеларија без жолтите лепливи белешки?
Хемичарот Спенсер Силвер се обидувал да создаде силно лепило, но неуспешно – добил слабо, но лесно отстранливо лепило. Неговиот колега го искористил за означување страници во книга, и така настанале Post-it белешките, едно од најпрактичните помагала во секој модерен офис.

Пејсмејкер

Инженерот Вилсон Грeјтбек се обидувал да направи уред за следење на срцевиот ритам, но случајно користел погрешен отпорник. Уредот почнал да испушта електрични импулси – и така се родила идејата за пејсмејкерот, кој денес спасува милиони животи ширум светот.

Сладолед на стапче

На почетокот на 20 век, единаесетгодишниот Френк Еперсон мешал сок во прав со вода и дрвено стапче, но заборавил да го внесе внатре преку ноќ. Наутро открил дека смесата се замрзнала – и така случајно го измислил првиот сладолед на стапче. Дваесет години подоцна го патентирал под името Popsicle, а светот доби нов омилен летен десерт.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни