Кога е поздраво да се тушираме – наутро или навечер?

Ако сте навикнати да го започнувате утрото со туширање, можеби е време да размислите за промена на вашата рутина. Според лекарите, утринскиот туш, иако може да ги разбуди сетилата, можеби не е најдобриот избор за вашата кожа, сон и здравје.

Д-р Џузепе Арагона тврди дека алергени од воздухот, нечистотија, пот и разни надразнувачи се таложат на телото и косата во текот на денот, особено во пролетните и летните месеци, кога има поголема концентрација на полен во воздухот и кога повеќе се потиме. Доколку не се тушираме навечер, сите тие нечистотии се пренесуваат во постелнината.

„Не само што придонесува за валкани чаршафи и можни ноќни алергии, туку може да предизвика и иритација на кожата, чешање, сувост, па дури и акни поради маснотиите и нечистотијата што остануваат на навлаката за перница и чаршафите“, изјави тој за Glamour UK.

Со него се согласува и д-р Џејсон Синг, кој на TikTok објасни како туширањето навечер може да го подобри квалитетот на сонот, да ја исчисти кожата од загадувањето и да помогне во нејзината хидратација. Имено, топол туш го поттикнува лачењето на мелатонин – хормон кој му сигнализира на телото дека е време за спиење.

„Во текот на вечерта, телото природно почнува да се лади, што е дел од подготовката за спиење. Топол туш проследен со бришење со крпа го имитира овој процес и го олеснува заспивањето“, објаснува д-р Синг.

Неговите тврдења се поткрепени со мета-анализа од 2019 година, која вклучуваше 17 студии. Таа покажа дека вечерното туширање во топла вода значително го подобрува квалитетот на сонот. Вечерното туширање е особено добро за луѓе со чувствителна или сува кожа, акни или егзема. Тогаш, вели д-р Синг, кожата е повеќе склона кон регенерација и подобро ја задржува влагата, што значи дека со туширање во тој период од денот можете да го стимулирате природното закрепнување на кожата.

Секако, утринскиот туш не е бескорисен, особено ако сакате да се освежите после потењето или да ја подобрите утринската хигиена. Но, кога станува збор за нега на кожата и квалитетот на сонот – вечерниот туш сепак има предност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни