Витаминот Д е есенцијален за здравјето, но често е тешко да се внесе во доволни количини само преку исхраната, па затоа суплементите се дел од нашиот секојдневен живот. За максимален ефект, важно е да се знае не само кога, туку и како најдобро да се зема овој витамин.
Витаминот Д е витамин растворлив во масти, што значи дека најдобро се апсорбира кога се внесува со оброк богат со здрави масти. Според Healthline, се препорачува витамин Д да се зема заедно со храна, особено ако содржи масти со што ќе се подобри неговата апсорпција во крвотокот.
Едно истражување на 17 учесници покажало дека земањето витамин Д со најголемиот оброк во денот може да го зголеми нивото на витаминот во крвта за околу 50% во рок од два до три месеци. Слично на тоа, студија од 2014 година на 50 постари лица утврдила дека витамин Д внесен со оброк богат со масти го подигнува неговото ниво во крвта за 32% во текот на 12 часа, во споредба со оброк без масти.
Консумирајте витамин Д со храна што содржи здрави масти, како: авокадо, јаткасти плодови, семки, масна риба (лосос, сардина), јајца и полномасни млечни производи.
Наутро – практичен избор
Многу луѓе избираат да го земаат витаминот Д наутро затоа што е полесно да се воспостави рутина, особено ако користат повеќе суплементи. Утринската навика може да го зголеми континуитетот, што е клучно за ефективноста.
Влијание врз спиењето ако се зема навечер
Постои дилема дали навечерното земање на витамин Д може да влијае на сонот. Неколку студии од 2021 година укажуваат дека витамин Д можe да влијае врз производството на мелатонин, хормонот кој го регулира спиењето. Според овие теории, внесување на витамин Д непосредно пред спиење може да го намали нивото на мелатонин и потенцијално да го наруши сонот.
Сепак, понови анализи од 2024 година покажуваат спротивно. Всушност суплементацијата со витамин Д може да го подобри квалитетот на сонот кај одредени групи луѓе. Реакцијата варира од човек до човек, па најдобро е секој да го пронајде времето што му одговара.
Па, кога е најдобро време?
Иако е јасно дека витамин Д се апсорбира подобро кога се зема со оброк, науката сè уште нема единствен одговор дали е подобро да се зема наутро или навечер. Најважно е суплементот да се зема доследно, во време што најмногу одговара на вашата дневна рутина и не го нарушува сонот.
Било да го земате со доручек или со вечера, клучно е редовното внесување. Ако имате дилеми за дозирање или начин на употреба, најдобро е да се консултирате со лекар или фармацевт.
