Кога да го испиете последното кафе ако сакате да спиете мирно?

Многумина не можат да го замислат денот без кафе – едно наутро, уште едно попладне, а понекогаш и трето „само за енергија“. Но, според лекарка која се повикува на научни истражувања, токму времето кога ја пиете последната шолја може да направи огромна разлика за квалитетот на сонот.

Седум часа пред спиење – клучниот момент

Студија што ги следела навиките на речиси 2000 испитаници покажала дека идеалниот рок за последна шолја кафе е – седум часа пред легнување.

Во гостување на британската телевизија ITV, во емисијата „This Morning“, д-р Нигат Ариф објаснила дека кофеинот има структура слична на аденозин – хормон кој се натрупува во текот на денот и нè прави поспани.

„Како што се зголемува нивото на аденозин, кофеинот ја имитира таа молекула. Тој се врзува за истите рецептори во мозокот, па мозокот повеќе не чувствува замор“, појаснила таа.

Токму затоа, ако планирате да легнете околу 22 или 23 часот, последното кафе би требало да биде најдоцна до 14 или 15 часот.

Не е само кафето проблем

Д-р Ариф нагласува дека правилото не важи само за кафе. И алкохолот може сериозно да го наруши сонот, дури и ако на почетокот ви делува дека ве опушта.

Препораката е да се избегнува алкохол најмалку три до четири часа пред спиење, за телото да има време да се „смири“ и да влезе во природен ритам.

Малите навики прават голема разлика

Покрај ограничувањето на кофеинот, експертите советуваат:

  • намалување на изложеноста на екрани пред спиење
  • пригушување на светлата
  • создавање мирна вечерна рутина

Квалитетниот сон не зависи само од тоа колку часа спиете, туку и од тоа како го подготвувате телото за одмор. А понекогаш, сè почнува со едноставна одлука – кога да ја испиете последната шолја кафе.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни