Кога ќе се сретнат две писателски пера раскажуваат различни приказни: Back 2 Back со авторите Јордан Коцевски и Анде Јанков

Во ова интервју имаме задоволство да ја истражиме динамиката на двајцата автори, Анде Јанков и Јордан Коцевски, чие творештво се движи во истите трилерски води, но со различни пристапи и сензибилитет. По што се разликуваат? Како нивните различни професии влијаат на начинот на кој го создаваат своето пишано дело?

Анде Јанков, од светот на економијата, ги подготвува своите криминални сценарија со прецизност и реализам, без лабави нишки. Неговите трилери се карактеризираат со детална и прецизна изградба на ликовите и сцените, што ги прави навистина добро воведени во реалноста на приказната.

Од  другата страна, Јордан Коцевски, туристички водич, ја пренесува својата визија за напнати и непредвидливи трилери од самиот живот и искуството на подолги патувања. Неговиот креативен пристап се базира на изобилство на искуства и впечатоци од сите аспекти на животот, преточени во напнати и интригантни содржини.

Затоа, прашањето овде е, колку професиите на овие автори влијаат на начинот на кој ги изградуваат своите пишани дела? Дали прецизноста на економистот Анде Јанков дава нови димензии на трилерите, додека богатството на искуства на Јордан Коцевски го збогатува неговото пишување со неочекувани наративи? Одговорите можат да бидат уште поинтересни отколку што се очекува.

Трн: Што ве инспирира да пишувате трилери, и што ги прави вашите книги уникатни во овој жанр, ви фали ли вас адреналин, динамика па затоа почнавте со овој жанр?

Јордан: Мојата инспирација не одбира жанр. Некогаш е ситуација, некогаш може да биде лик со одредена цел, друг пат е само сцена што ми се врти во мислите и не ме остава на мира. Колку повеќе се присутни, толку повеќе ги надоградувам, сè додека не си ја кажат приказната и не побараат да се појават преку напишаните зборови.

Тешко е да се биде уникатен, но тоа што ме издвојува од останатите трилер писатели е тоа што во моите книги дејството е водено од протагонистите, односно целта не ми е да решам убиство, или некој друг вид на криминал, туку мистеријата е поврзано со главните ликови, најчесто обични луѓе кои се нашле во необични ситуации. Тука е и мојата смисла за хумор, која е присутна во сите мои книги, но во различна форма и доза.

Иако не бркам криминалци, можам да кажам дека живеам доста динамичен живот исполнет со разни активност и запознавање и контактирање со многу луѓе, при што секогаш се јавува по некоја мистерија која мојот мозок сака да ја одговори.

Анде: Кога прв пат се одлучив да пишувам книги, како примарен жанр го одбрав трилерот, а подоцна крими жанрот, од две причини. Првата е таа што тој жанр барем тогаш во Македонија беше во својот зачеток и решив дека треба да допринесам во негово развивање. Втора причина е таа што овој жанр, особено крими жанрот, нуди можност да се обработуваат теми кои во себе ги содржат некои од вредностите кои во нашата земја се недоволно развиени. Тука пред се, мислам на вистината и на правдата како главни вредности кои се обработуваат при овие жанрови.

Трн: Можете ли да го опишете вашиот пишувачки процес, дали имате некакви ритуали, каде најмногу пишувате, во кој дел од денот или ноќта итн…

Јордан: 2017 година успеав да си изградам солидна рутина за пишување, при што кон пишувањето се однесувам како работа со работно време од 6 часа. Најчесто пишувам откако ќе се разбудам, околу 8 часот, правам пауза за појадок и кафе кон 9:30, а потоа околу пладне една пауза со пешачење по кејот на Охридското Езеро. Не се држам строго до ова, односно некои денови пишувам и попладне, а преку викенд кога сме сите дома избегнувам да пишувам затоа што „канцеларијата“ ми е мало катче во дневната.

Анде: Планот позади секоја една книга ми е далеку потежок но воедно и поинтересен отколку самото пишување. Секогаш ми е предизвик да си ја поставам границата повисоко со секоја наредна книга, барем во однос на тоа што досега сум го пишувал, и да видам колку од зацртаното ќе можам успешно да реализирам при пишувањето на книгата.

Трн: Кои се најголемите предизвици што ги сретнавте додека ги пишувавте вашите нови книги, и како ги надминавте, во смисла на решавање ќорсокаци, спојлери, градење на ликови…

Јордан: Повеќепати сум кажал дека не планирав продолжение на „Тегли“ (првиот дел), затоа што целта ми беше промената на двата протагонисти, која се оствари на крајот од книгата. Токму тоа беше предизвикот во „Тајни“, како да се биде доследен на ликовите, да се размисли каде се наоѓаат сега, како се однесуваат во новата ситуација, што е она што не беше кажано за нив во „Тајни“ и како да се открие сега. Токму затоа во фокусот е приказната на инспекторот Саше, кој беше клучен спореден лик во „Тегли“, а сега е главен лик. Затоа откако почнав со пишување, првите триесетина страници ги пратив на неколку читатели, за да проверам дали ликовите се такви какви што ги памтат.

Анде: Најголемиот ќорсокак со кој се соочува секој еден писател (често пати, без притоа и самиот тој да е свесен), е како да се напише една оригинална приказна, која истовремено ќе биде и безвременска. Еден од начините на кој што тоа се постигнува е преку вметнување на нешто што се нарекува драматичен код, во приказната која што се раскажува. Драматичниот код, пак, е ништо друго туку начинот на кој што која било личност се развива и станува подобра (или полоша) верзија со тек на време.

Трн: На кој начин вашите лични искуства и животни настани влијаат врз вашите книги, особено во контекст на напнатите моменти и темите што ги обработувате, во кои делови од книгите има по малку од вас, се надевам не во негативците 🙂

Јордан: Она што ми се случува во животот и луѓето со кои комуницирам и ги запознавам, можат лесно да бидат инспирација за дело. Тоа се случи со „Тегли“, кога приказната на една бабичка како го гледала провалникот од скалите и се чувствувала беспомошна, ме инспирира да го напишам обратното (провалникот да е беспомошен).

Секој човек со кој сум се запознал и со кој комуницирам е потенцијален архетип за лик во некој роман, но речиси никогаш не се потпирам целосно на лица кои постојат, односно земам само делчиња од нив, а тоа ми олеснува да го предвидам нивното однесување и реагирање при пишувањето.

Читателите мислат дека најмногу од мене сум внел во ликот на Златко, за кој сметам дека е јас кога би немал филтер за мојата смисла за хумор. Досега, па дури и во случајот на Златко, свесно не внесувам делови од мене во ликовите.

Анде: Некои од моите блиски пријатели но и дел од пошироката јавност веќе знаат дека позадински приказната на негативците во романот Само Бог простува е нешто што лично ја има погодено мојата фамилија. Задача на литературата според мене, е таквите искуства да се искористат, за преработени да послужат како еден вид cautionary tales за сите љубители на пишаниот збор

Трн: Кои се најмудрите совети што сте ги добиле, и како ви помогнаа да напредувате во вашата кариера, кон што слепо се држите и не правите компромис со тоа?

Јордан: „Читај многу, пишувај многу“, во контекст дека треба да се чита сè, од дневни вести до академски трудови и дека е важно да се пишува за да се дојде до квалитет.

„Не брзај!“ од другарка ми Кате, која ми ги пречитуваше првите дела, ги наоѓаше местата каде сум бил „мрзлив“ и ме тераше да ги обработам подобро и без брзање.

„Обични луѓе во необични ситуации“, како совет/ правило кое само по себе ми се наметнува за интересни приказни.

Правило кое го обожавам е „покажи, не кажи“, односно работите не треба да му бидат „сервирани“ на читателот, во смисла на пример ако има некој тажен настан да не се каже „многу беше тажно“, туку да се опише атмосферата и состојбата на ликовите, а заклучокот дека „е многу тажно“ ќе си го донесе читателот.

Анде: Најдобар совет што го имам добиено е да секогаш кога некаква мисла ќе ми дојде на памет, истата веднаш да ја запишам, како не би се изгубила во длабочините на нашата потсвест. Доколку постои некаков принцип до кој што се држам уште од старт на моето пишување до ден денес, тоа мора да е примената на она што се нарекува ‘‘херојско патување‘‘ во современата наратологија, или идејата дека при секоја приказна еден или повеќе од ликовите треба да поминат одредено патешествие, и на крајот од истото да излезат како променети ликови од почетокот на приказната.

Трн: Која е формулата за добар трилер, негативци, херои што ќе го спасат денот, многу заплети и неочекуван расплет или малку поинаку се формира ?

Јордан: 300 грама интересен протагонист + 100 грама мистериозна лична приказна + 200 грама тешко остварлива цел + 200 грама различни и интересни споредни ликови + 100 метри сопки на секој километар од патот до целта – стереотипни ликови + 500 грама добри и јасни мотиви на протагонистот и антагонистот.

Како што можете да видете од оваа формула, јас најголемо внимание посветувам на ликовите и нивните мотиви, а ако тоа добро се сработи тогаш приказната самa ќе си дојде и нема да бара „твистови“ на секоја страница и неочекувани моменти.

Анде: Не постои точна формула за пишување на било каков жанр. Едноставно, авторот треба да налета на комбинација од солидна премиса, идеја позади приказната, и оригинална егзекуција која често пати се добива преку формата во која што се пишува. Некој пат, ова се постигнува преку комбинирање на правилата кои се веќе воспоставени во жанрот, или нивно целосно кршење и применување на некои свои.

Трн: И двајцата набрзо ќе промовирате нови наслови, може ли да откриете за што се работат и вистина ли е дека секоја следна книга на авторите е подобра од сите останати претходни ?

Јордан: „Тајни“ се случува три години по настаните од „Тегли“, и во центарот на вниманието е приказната на инспекторот Саше Левески, неговото минато и причините поради кои во „Тегли“ ја носи морално сомнителната одлука да ја спаси Розе и да помогне во затскривањето на убиството на главниот негативец. Во „Тајни“ тој е соочен со одлуката да продолжи да ги крие „духовите“ од минатото и да донесе неморална одлука, или неговата тајна да излезе на виделина по цена да остане доследен на својот етички кодекс. „Тајни“ нема да е продолжение на „Тегли“ ако во целата приказна не се вмеша Златко за да му ја олесни одлуката. Но, наместо тоа и двајцата неволно се наоѓаат во ситуација во која не знаат што и зошто се случува, и мора да се борат за да преживеат.

Дали „Тајни“ е подобра од претходните, не знам, тоа ќе си го кажат читателите. Знам дека е позабавна, посмешна и уживав не само додека ја пишував, туку и кога ја читав за проверки. Сите мои книги се разликуваат и може да се каже дека припаѓаат на различна комбинација од жанрови, така што тоа зависи од вкусот на читателот.

Анде: Мојот следен роман, петти во низа, е четвртото продолжение од серијалот за Виктор Николов. Оваа книга е она што се нарекува high noon приказна, или одредена кулминација на овој подолг наратив во сагата за полицискиот инспектор од Скопје, околу која што ќе пивотираат и претходните но и останатите делови од серијалот. А за вашето последно прашање, барем во мојот случај, се трудам тоа да е така, иако пресудниот збор за ваквите прашања секогаш е оставен на времето и на читателите како последни консументи на творечкиот процес.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни