Кога ќе се обидете да подигнете готовина од банкомат, парите остануваат „заробени“: Полицијата во Германиjа предупредува на нова измама

Предупредување за граѓаните поради нова измама позната како „Заробување на готовина“.

Банките и полицијата во Германија ги предупредуваат граѓаните за сè почестите случаи на измама позната како „Заробување на готовина“.

Овој метод на измама функционира така што сторителите поставуваат посебна физичка бариера во отворот за подигање готовина на банкоматот. Кога корисникот ќе се обиде да подигне готовина, парите не излегуваат, туку остануваат „заробени“ во уредот.

Повеќето луѓе мислат дека банкоматот е расипан и го напуштаат местото, а потоа доаѓа измамник и ги зема парите.

Поради оваа причина, корисниците се повикуваат секогаш внимателно да го проверуваат отворот за подигање готовина и веднаш да контактираат со банката или службата за корисници во случај на какви било абнормалности.

Полицијата во покраината Мекленбург-Западна Померанија издаде посебно предупредување откако еден клиент пријави сомнителен банкомат на островот Руген. Набрзо се покажа дека станува збор за заробување на готовина.

Иако банките воведуваат сè повеќе технички решенија, како што се механички заштити и камери за надзор, измамниците сè уште успеваат да ги заобиколат безбедносните мерки. Затоа, на граѓаните им се советува да бидат повнимателни при подигање пари.

Во друг случај, кој дополнително ја возбуди јавноста, пензиониран пар во Германија остана без речиси 70.000 евра. Криминалците префрлиле пари на сметки во Малта преку повеќе трансакции, искористувајќи ги дупките во безбедносните процедури.

Европската банкарска агенција (ЕБА) ја критикуваше практиката според која клиентите сносат до 79 проценти од загубите во случаи на интернет измами. ЕБА бара построга регулатива и поголема одговорност од банките за заштита на потрошувачите во дигиталното банкарство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни