Да си млад во 2024 година значи да имаш прилика постојано да се изразуваш, без ништо да изразиш! Она што порано се сметаше за јавен простор, денес е улица по која само поминуваме, денес за да си во јавниот простор, не треба ни да излезеш од дома. Само треба да влезеш во екранот! Кога поминувам по улица не можам да го довикнам другарот до мене, затоа што наместо мене, ги слуша безжичните слушалки од каде трешти секој ден различна музика.
Како изгледа денес млад човек.
21 август 2024 година – Бледи мисли за добра заработка, празен поглед без емоција, незагриженост за општествените промени, освен ако во тоа не се вклучени личните цели. Нема активистички дух, нема критичко мислење.
Како се чувствува денес млад човек.
21 август 2024 година – Црно – бело и конзумеристички. Облечен во истите парчиња облека како сите околу него. Без да размисли дека дури и неговото движење по улицата е јавен настап. Живее тежнеејќи да биде различен, а секој ден се повеќе личи на другиот.
Кој го создаде ова? Промената на јавниот простор кој што треба да е достапен за секој да може да ја искаже својата мисла, својот револт, своите цели. Откако плоштадот и театарот се претворија во Instagram и Twitter и откако криењето позади монитор стана помоќно од одржување на контакт со очи, знаевме дека не остана кој да се бори за подобро општество. Затоа што јавниот простор стана место за слушање, наместо платформа за изразување. Социјалните медиуми станаа узурпирана точка преку која секојдневно се наметнуваат мислења кои како зародиш се всадуваат во мислите на младите. Постојаното примање на повторливи информации стануваат дел од реалноста на секој млад човек.
Сакав секој ден да се борам со реченицата „Вие младите немате цел, а немате ни сон“. Мислев дека сум во право додека не излегов еден ден и не видов десет девојки кои личат една на друга, исто го пијат кафето и исто ја носат косата и се стремат кон „Tradwife“ вредности. Мислев дека сум во право додека не излегов еден ден и не слушнав дека секое момче смета дека неговата вредност ја засноваат материјалните придобивки во стилот на Andrew Tate и доколку „не излезе од матриксот“ е за никаде. Комбинација на соништата!
Се прашував од каде доаѓа сето тоа. Тогаш погледнав во екранот на мојот телефон, ја кренав главата горе и се наоѓав на плоштадот Македонија и наместо некој да гледа во мене сите гледаа во екранот, згрчени во лицата. Погледнав пак во екранот, луѓето не зборуваа меѓу себе ама си праќаа фотографии – „начин“ да го изразат она што го мислат и чувствуваат.
Дали знаат луѓето дека јавниот простор не е јавен веќе? Туку јавноста ни е дома, во дневната и спалната соба. Дали младите ќе сакаат нивната апатија да ја заменат со акција? Затоа што јавниот простор еднаш беше место каде поединците гледаат и се видени од другите додека се занимаваат со јавните работи. Дали денес е така или сите станавме добри режисери, сценаристи и кореографи? Ефтини кукли на социјалните мрежи. Дали е тоа загадениот воздух кој секојдневно го дишеме? Знам дека сакате да мислиме и да сме гласни!
Ве повикувам, ќе дојдете ли со мене? Јавно да се изразиме?