Кога ќе се сретнат два објектива: „Back 2 Back” разговори со фотографките Драгана и Надица

Добредојдовте на првото издание на рубриката „Back 2 Back”! Во оваа ексклузивна рубрика, ви нудиме уникатна можност да ги истражите различните перспективи на двајца соговорници кои одговараат на исти прашања, но од нивен сопствен аспект и искуство. Започнуваме со две водечки и инспиративни фигури во светот на фотографијата, Дами и Господа – Драгана Басекиќ и Надица Манева Ангеловски Со децении искуство и несомнени таленти, овие две виртуозни фотографки претставуваат вистински пример за врвна професионалност и креативност. Двете прекрасни фотографки со различни стилови и пристапи, Драгана и Надица, ни ги отвораат вратите во својот свет на уметноста и креативноста. Преку нашите прашања, ќе ги дознаеме нивните визии, мисли и искуства што го воведуваат читателот во интимниот свет на фотографијата. Прочитајте подолу за нивните фотографии кои немаат цена, за разликата меѓу машките и женските во оваа професија, за нивната омилена дестинација и уште многу други.

Трн: Како би ги опишале разликите во сензибилитетот меѓу машки и женски фотографи?

Надица: Многу е тешко да се одговори на ова прашање, особено внимавајќи да не биде навреден спротивниот пол од одговорот. Сензибилитет е вистинскиот збор, го поседуваме повеќе заради самата генетика, следејќи на тоа, гледаме повеќе рамки во секунда (frames per second), со тоа сме побрзи во правењето на фотографијата. Па можеби ќе избереме емоција наспроти техникалија во самата фотографија. Останува на гледачот да избере во што ќе се вљуби.

Драгана: Не би ја делела фотографијата на машка и женска. Сензитивноста која ја поседува еден фотограф сепак е индивидуална. Жените се тие кои поемотивно ги доживуваат случувањата, па оттаму можеби им е полесно на истиот начин на кој ги доживуваат да ги пренесат и преку објективот. На крајот, сепак можеби прашањето е дали гледачот е маж или жена и како ќе ја прочита и доживее фотографијата.

Трн: Каде е локацијата на вашата најдобра пејзажна фотографија?

Надица: Неизмерно места во светот нудат беспрекорни пејсажи. Јас лично ги бирам Нордските фјордови, Нов Зеланд, Бали и Француска Полонезија на врвот. Од тој пејсаж добиваш впечаток дека е AI генериран, инстантно ти дава мир во душа, особено ако си таму вон сезона.

Драгана: Ако мора да издвојам нека бидат Канарските острови затоа што нивната дивина нуди чувство на бескрајна слобода.

Трн: Што е пресудно за да се направи добра  фотографија, светлото, климатските услови, аголот?

Надица: Сите три наведени погоре. Ако треба да се избере, светлото е прво, сепак самиот збор фотографија значи цртање со светло. Тоа најдобро го владеат сите што работат на филм. Денес многу фактори влијаат за една фотка да е оценета добро.

Драгана: Секако, најважно е светлото. Фотографијата е всушност исцртување со светлина. Но никако не можеме да ги занемариме и останатите елементи кои се потребни за успешна фотографија, како композиција, единство, ритам, динамика и индивидуална перцепција, доживување и емоција. Како круна на сѐ би го нагласила и моментот како исклучително важен. Сепак фотографијата е монотипија и сама по себе е момент, скаменет, непроменлив и неповторлив.

Трн: Дали имате фотографија која нема цена?

Надица: Да, јас сум на таа фотографија, а ја направи мојот сопруг.

Драгана: Сметам дека најбесценетите фотографии се наоѓаат во нашите глави, мисли и сеќавања. Но сакам да верувам во идејата дека некому сум му направила фотографија за која смета дека нема цена.

Трн: Го носат ли црно – белите фотки длабокиот колорит на животот?

Надица: Најдлабокиот, доколку вистински се оправда причината за црно белиот момент.Голема емоција, сатиричен момент, интимна ситуација,  добар безвременски портрет, сето тоа легнува добро во црно бело.Многу често се помешува самата причина, особено во комерцијалната фотографија. Недостатокот на светло, фотографот го правда со црно бел едит.

Драгана: Да. Голем почитувач сум на црно-бела фотографија. Честопати колоритот на една фотографија знае да биде главна тема и да го одвлече вниманието од суштината на самата фотографија. Отсуството на боја дава акцент на содржината на фотографијата. Црно-белата фотографија трпи многу повеќе контраст со тоа знае да биде посилна, нагласена и помага за полесно восприемање на поентата и пораката. Се вели дека ако фотографираме луѓе во боја тогаш ја фотографираме нивната облека, а доколку ги фотографираме во црно-бело тогаш ги фотографираме нивните души и емоции. Просто, црно-белата фотографија е безвременска.


е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни